Трамп вели дека во Иран се случува „промена на режимот“, тврди дека се воделе преговори, Техеран демантира
Техеран категорично ги отфрла тврдењата на Трамп за преговори, при што иранските официјални лица постојано нагласуваат дека не се водат никакви преговори
АНКАРА (АА) – Американскиот претседател Доналд Трамп денес изјави дека Соединетите Американски Држави (САД) одржале „интензивни“ преговори со иранските власти, тврдења кои Техеран ги негира, и според наводите, тој порача дека во Иран веќе се случува „промена на режимот“, јавуваат американските медиуми, пренесува Анадолу.
Во телефонско интервју, Трамп потврди дека она што се случува во Иран може да се опише како промена на режимот, објави „Си-ен-би-си“.
Во интервјуто, американскиот претседател сигнализираше голема промена во напорите за решавање на тринеделниот конфликт, иако деталите за наводните разговори остануваат нејасни, како, на пример, кој учествувал и како или каде се одржале.
Техеран категорично ги отфрла тврдењата на Трамп за преговори, при што иранските официјални лица постојано нагласуваат дека не се водат никакви преговори.
Трамп за „Си-ен-би-си“, набргу по објавата на неговата платформа „Трут соушал“, изјави дека САД се „многу решени“ да постигнат договор со Иран и изрази надеж дека преку разговорите може да се постигне нешто суштинско.
Веста дојде по претходната објава на „Трут соушал“ дека тој ѝ наредил на војската да ги прекине нападите врз иранските електрани и енергетска инфраструктура на пет дена за да се овозможи потенцијален дипломатски напредок.
Американско-израелските напади врз Иран започнаа на 28 февруари и, според извештаите, во нив досега се убиени најмалку 1.300 луѓе, меѓу кои и тогашниот врховен лидер, ајатолахот Али Хамнеи.
Иран возврати со напади со беспилотни летала и ракети насочени кон Израел, Јордан, Ирак и земјите од Персискиот Залив каде што се наоѓаат американски воени бази.
