свет

Тајфунот Калмаеги однесе 66 животи на Филипини, 400.000 се раселени, а 26 се исчезнати

Најмногу загинати се пријавени во Централен Висајас, регион што најтешко е погоден од невремето

Islam Uddin  | 05.11.2025 - Обновена : 05.11.2025
Тајфунот Калмаеги однесе 66 животи на Филипини, 400.000 се раселени, а 26 се исчезнати

АНКАРА (АА) – Најмалку 66 лица загинаа, а 26 се водат како исчезнати откако тајфунот Калмаеги ги погоди Филипини, при што повеќе од 400.000 луѓе беа принудени да ги напуштат своите домови, соопштија властите денес, јавува Анадолу.

Според Националниот совет за управување со ризици од катастрофи, бројот на жртвите се искачи на 66, меѓу кои и шестмина што загинаа во хеликоптерската несреќа вчера за време на операцијата за пребарување и спасување, објави локалниот дневен весник „Инкуајрер“.

Најмногу загинати се пријавени во Централен Висајас, регион што најтешко е погоден од невремето.

Централен Висајас, кој се наоѓа во централниот дел на Филипини, ги опфаќа покраините Бохол, Себу, Негрос Ориентал и Сикихор.

Властите соопштија дека 10 лица се повредени во различни подрачја, а повеќе од 1,1 милион луѓе се погодени од екстремните временски услови.

Силните поплави и одроните на земјиштето ги пресекоа патиштата во оддалечените области, а 52 општини сè уште немаат електрична енергија, наведуваат властите.

Снимките и фотографиите објавени во локалните медиуми прикажуваат масовни поплави и уништување во неколку региони, меѓу кои и делови од покраината Себу.

Катастрофата се случи само еден месец по силниот земјотрес со магнитуда од 6,9 степени што го погоди северниот дел на Себу, при што загинаа повеќе лица, а илјадници беа раселени.

Властите информираа дека спасувачките и хуманитарните активности се во тек, а екипите се обидуваат да стигнат до оддалечените подрачја отсечени од поплавите и одроните.

Тајфунот Калмаеги, локално познат како Тино, од вчера изутрина двапати го погоди централниот остров Висајас.

Се очекува Тино да излезе од филипинската „зона на одговорност“, која ја следи метеоролошката агенција на земјата, вечерва или утре рано изутрина, а се очекува силата да ја врати над Јужното Кинеско Море пред да се упати кон Виетнам, каде што властите се подготвуваат за негово пристигнување во петок.

Во меѓувреме, индонезиските власти денес издадоа предупредување за силни врнежи што би можеле да погодат неколку градови во земјата, а продолжува потрагата по исчезнатите лица во Папуа.

Повеќе од 20 жители се водат како исчезнати откако поплави погодија две подрачја во округот Ндуга, во провинцијата Висока Папуа, јави државната новинска агенција.


На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.