Судија ќе го истражува пожарот во Хонгконг во кој загинаа 151 лице
„Додека кривичната и противпожарната истрага непрекинато продолжуваат, ќе формирам независен комитет кој ќе изврши сеопфатен и длабински преглед на системот за градежни работи и ќе спречи повторување на вакви трагедии во иднина“
ИСТАНБУЛ (АА) – Лидерот на Хонгконг, Џон Ли, денес соопшти дека независен комитет предводен од судија ќе ја истражи причината за смртоносниот пожар во кој загинаа најмалку 151 лице, јавува Анадолу.
„Додека кривичната и противпожарната истрага непрекинато продолжуваат, ќе формирам независен комитет кој ќе изврши сеопфатен и длабински преглед на системот за градежни работи и ќе спречи повторување на вакви трагедии во иднина“, изјави Ли на прес-конференција.
За да се осигури „независноста и кредибилитетот“ на процесот, тој додаде: „Ќе повикам судија да го предводи комитетот.“
Ли најави дека конечните наоди на комитетот ќе бидат јавно објавени.
Истрагата следува по најтешкиот пожар во последните децении, кој минатата среда избувна во областа Ванг Фук Корт во Тај По и продолжи 43 часа, зафаќајќи седум станбени блокови со повеќе од 1.900 станови. Пожарот брзо се ширел поради бамбусовото скеле поставено на фасадата за време на реновирањето.
Властите во Хонгконг вчера соопштија дека „неквалитетната заштитна мрежа“ поставена на дел од зградите можеби придонела за трагедијата. Комплексот се состои од осум кули со повеќе од 4.000 жители.
Според официјалните податоци, во пожарот загинаа најмалку 151 лице, а локалниот весник „Саут Чајна Морнинг Пост“ денес објави дека „39 лица сè уште се водат како исчезнати“.
Досега се приведени 14 лица, меѓу кои и главниот изведувач на работите, инженерскиот консултант и подизведувачот од компанијата за скелиња.
