свет

Според истрага на „Си-ен-ен“ израелската Армија ги оставала телата на Палестинците што ги убила да скапуваат на отворено

- „Си-ен-ен“ (CNN) спроведе истрага за областа околу граничниот премин Зиким во северна Газа прегледувајќи стотици видеа, фотографии, сведоштва на очевидци и интервјуа со локални возачи на камиони за транспорт на хуманитарна помош.

Irmak Akcan  | 03.12.2025 - Обновена : 03.12.2025
Според истрага на „Си-ен-ен“ израелската Армија ги оставала телата на Палестинците што ги убила да скапуваат на отворено

АНКАРА (АА) - Истрага на „Си-ен-ен“ откри дека израелската Армија ги закопувала со булдожери телата на некои Палестинци што ги убила во близина на граничен премин во плитки, необележани гробови, додека другите ги оставила да скапуваат на отворено, известува Анадолу.

„Си-ен-ен“ (CNN) спроведе истрага за областа околу граничниот премин Зиким во северна Газа прегледувајќи стотици видеа, фотографии, сведоштва на очевидци и интервјуа со локални возачи на камиони за транспорт на хуманитарна помош.

Истрагата откри дека Палестинците што се наоѓале во близина на граничниот премин, барајќи хуманитарна помош, биле неселективно убивани од страна на израелската Армија.

Откриено е и дека израелската Армија со булдожери ги закопувала телата на убиените Палестинци во плитки, необележани гробови, а во некои случаи, телата биле оставени да се распаѓаат на отворен простор во воените зони.

Израелската Армија од своја страна тврди дека присуството на булдожерите околу Зиким е поради нивно користење за оперативни цели, како што е справување со закани или „рутински инженерски потреби“.


- Израелската Армија постојано пукала кон цивилите кои барале помош

Во рамките на истрагата разгледани се две геолокациски видеа споделени на социјалните мрежи на 11 септември, од кои се открива дека Палестинците биле под постојан оган дури и додека носеле вреќи брашно во областа Зиким.

Роберт Махер, експерт за форензичко аудио на Државниот универзитет во Монтана, ги анализирал овие видеа и утврдил дека истрелите биле направени приближно од 340 метри оддалеченост, растојание кое е во согласност со позицијата на израелската Армија во тоа време.

Од снимките и фотографиите прегледани од „Си-ен-ен“ се открива дека во Зиким се пронајдени бројни тела кои цивилите или екипите за цивилна одбрана не можеле да ги отстранат поради опасните услови.

Двајца очевидци изјавија за „Си-ен-ен“ на 15 јуни дека израелските војници отвориле оган врз камион со хуманитарна помош опкружен со гладни Палестинци, убивајќи голем број луѓе, а на службениците за цивилна одбрана им било дозволено да влезат на местото на настанот дури неколку дена подоцна.

Едно службено лице рекло дека телата што ги пронашле биле распаднати и забележале траги дека некои делови од мртвите тела биле изедени од кучиња.

Видеата геолоцирани од страна на „Си-ен-ен“ ги потврдија овие извештаи, прикажувајќи делумно закопани, распаднати тела околу превртен камион и куче скитник во областа.

Возачите на камиони за помош што работат по рутата Зиким за „Си-ен-ен“ изјавија дека расфрлани тела во состојба на распаѓање се честа глетка во областа и дека израелските булдожери повремено ги закопуваат во песок.

Изјавите на возачите беа поткрепени со сателитски снимки и фотографии.

Од отворањето на рутата за помош во средината на јуни до нејзиното затворање на 12 септември, околу граничниот премин Зиким беа забележани траги од булдожерска активност. Откриено е дека булдожер натрупал површина од 30 квадратни метри земја на приближно 400 метри оддалеченост од локацијата на камионот што се превртел кон средината на јуни.

Очевидецот Адел Мансур, опишувајќи го своето искуство додека го барал својот исчезнат 17-годишен син, рекол: „Ги видов телата згмечени од булдожер заедно со картонски кутии за помош. Ги наредиле едни врз други.“


- Малтретирањето на оние што ги уби Израел не е ограничено само на Зиким

Лошиот однос кон оние што ги уби израелската Армија, дури и по нивната смрт, не е ограничен само на граничниот премин Зиким.

Израелски војник кој служел на стражарско место во коридорот Нецарим забележал дека на почетокот на 2024 година, телата на 9 палестински цивили биле оставени да скапуваат околу базата речиси два дена, и во меѓувреме телата биле изедени од кучиња.

Кон крајот на 2023 година, капетан во командниот центар кој ги надгледувал израелските трупи во Газа изјавил дека офицерите во центарот одлучиле телото на убиен Палестинец да го турнат со булдожер во канал покрај патот.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.