свет

Семејствата на израелските заробеници го блокираа главниот автопат во Тел Авив барајќи договор со Палестинците

Масовните протести добија на интензитет од вчера во Тел Авив и други градови за зголемување на притисокот врз премиерот Бенјамин Нетанјаху...

Ikrame Imane Kouachi  | 03.08.2025 - Обновена : 03.08.2025
Семејствата на израелските заробеници го блокираа главниот автопат во Тел Авив барајќи договор со Палестинците

ЕРУСАЛИМ/АНКАРА (АА) - Семејствата на израелските заробеници кои се држат во Газа денес го блокираа главниот автопат во Тел Авив, барајќи владата веднаш да склучи договор со Палестинците за размена на затворениците и да обезбеди нивно ослободување, пренесува Анадолу.

Според израелскиот весник „Једиот Ахронот“, демонстрантите го затвориле Автопатот Ајалон, една од главните артерии на градот, сè додека не пристигнала израелската полиција насилно растерувајќи ги.

Масовните протести добија на интензитет од вчера во Тел Авив и други градови за зголемување на притисокот врз премиерот Бенјамин Нетанјаху за да постигне договор за размена откако се појавија нови снимки на кои се гледаат израелски заробеници во Газа ослабени од екстремна неисхранетост.

Во петокот, Бригадите Касам, военото крило на Хамас, објавија видео од израелскиот затвореник Евјатар Давид, кој изгледа сериозно ослабен.

Еден ден претходно, палестинската група Исламски џихад објави видео од заробеникот Ром Браславски, кој исто така изгледаше ослабено и во критична состојба поради изгладнетост.

- „Луда влада“ -

Лидерот на опозицијата, Јаир Лапид, остро ја критикуваше владата на Нетанјаху за игнорирање на влошената состојба на заробениците и нивните семејства.

„Дури и по овие видеа, агендата на Владата не се промени“, истакна Лапид на X. „Денес ќе има уште еден состанок на Кабинетот за да се разговара за безбедноста на Нетанјаху и неговото семејство, а не за заложниците или нивните семејства.“

„Ова е луда влада, морално банкротирана и целосно рамнодушна“, додаде тој.

Израелската армија спроведува брутална офанзива врз Газа од 7 октомври 2023 година, во којашто убиени се над 60.400 Палестинци, повеќето од нив жени и деца.

Од 250 заробеници земени на 7 октомври, Израел верува дека околу 50 заробеници се во Газа, од кои 20 смета дека се живи.

Во меѓувреме, над 10.800 Палестинци се наоѓаат во израелските затвори, од кои многумина се соочуваат со тортура, медицинско занемарување и нехумани услови, според палестинските и израелските групи за човекови права.

Израел неодамна се повлече од индиректните преговори со Хамас во Доха, посредувани од Катар и Египет со поддршка од САД, поради несогласувања околу условите за прекин на огнот, размената на затвореници и испораката на хуманитарната помош.

Хамас постојано повторува дека е подготвен да ги ослободи сите израелски заробеници во замена за крај на војната, целосно повлекување на Израел од Газа и ослободување на палестинските затвореници. Но, Нетанјаху ги одби овие услови и бара разоружување на палестинските фракции и целосна израелска воена контрола врз Газа.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.