свет

Севернокорејскиот лидер вети „безусловна“ поддршка за војната на Русија во Украина

- Ким ја потврди поддршката на Северна Кореја за време на средбата со секретарот на Советот за безбедност на Русија, Сергеј Шојгу, која се одржа во средата во Пјонгјанг.

Amir Latif Arain  | 05.06.2025 - Обновена : 06.06.2025
Севернокорејскиот лидер вети „безусловна“ поддршка за војната на Русија во Украина

АНКАРА (АА) - Севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун вети дека ќе ѝ даде „безусловна“ поддршка на Русија во сите области, вклучително и во нејзината војна во Украина, објави денес државната севернокорејска новинска агенција, пренесува Анадолу.

Ким ја потврди поддршката на Северна Кореја за време на средбата со секретарот на Советот за безбедност на Русија, Сергеј Шојгу, која се одржа во средата во Пјонгјанг, соопшти Корејската централна новинска агенција (КЦНА).

Тој, исто така, вети дека одговорно ќе ги почитува одредбите од договорот за меѓусебна одбрана што го потпишаа двете земји.

Станува збор за Сеопфатниот договор за стратегиско партнерство, кој Ким и рускиот претседател Владимир Путин го потпишаа во јуни минатата година во Пјонгјанг.

За време на разговорите двете страни ја потврдија усогласеноста на нивните ставови во однос на ситуацијата во Украина и се заложија за развивање на односите во „моќно и сеопфатно стратегиско партнерство“.

Руската новинска агенција ТАСС извести дека за време на средбата се разговарало и за можностите за обнова на фронтовскиот регион Курск како и за конкретни чекори за „оддавање почит на херојството на севернокорејските војници“.

Јужнокорејската новинска агенција Јонхап, повикувајќи се на неименувани експерти, шпекулираше дека на средбата можеби разговарале и за иднината на меѓукорејските односи, како и прашања поврзани со Корејскиот Полуостров. Средбата се совпадна со инаугурацијата на новоизбраниот претседател на Јужна Кореја, Ли Џе-мјонг.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.