свет

Сè погласни повиците за забрана на влез на израелскиот претседател во Австралија

„Херцог буквално потпишувал бомби што се користеле во геноцидот во Газа. Лабуристите, Либералната партија и Една нација се здружија за да го одбијат предлогот“

Riyaz Khaliq Khaliq, Islam Uddin  | 03.02.2026 - Обновена : 03.02.2026
Сè погласни повиците за забрана на влез на израелскиот претседател во Австралија

ИСТАНБУЛ (АА) – Сè погласни се повиците да му се забрани на израелскиот претседател Исак Херцог влез во Австралија, додека пратениците дискутираа за иницијативата со која се бараше повлекување на поканата упатена до него, јавува Анадолу.

Сенаторот од Зелената партија во Австралија, Дејвид Шубриџ, изјави дека неговата партија го предложила предлогот во Сенатот, повикувајќи го премиерот Ентони Албанезе да ја повлече поканата до Херцог, кој се очекува да ја посети земјата следната недела.

„Херцог буквално потпишувал бомби што се користеле во геноцидот во Газа. Лабуристите, Либералната партија и Една нација се здружија за да го одбијат предлогот“, рече Шубриџ, кој ја претставува државата Нов Јужен Велс во Горниот дом на Парламентот.

„Тоа кажува сè“, додаде тој.

Се очекува Херцог да пристигне во Сиднеј на 8 февруари во четиридневна посета.

Минатата недела, коалиција од организации на граѓанското општество поднесе правна жалба со која се побара од властите да му биде одбиена визата на Херцог и да се отвори кривична истрага согласно со австралиските закони.

Жалбата беше поднесена од Австралискиот национален совет на имами, заедно со Еврејскиот совет на Австралија и Фондацијата „Хинд Раџаб“, до јавниот обвинител, министерот за внатрешни работи и федералната полиција.

Претходно, истакнати австралиски активисти за правда исто така побараа од федералната полиција да спроведе истрага за Херцог за поттикнување геноцид пред неговата посета.

Австралискиот центар за меѓународна правда, заедно со палестински организации, меѓу кои Ал Хак и Центарот за човекови права „Ал Мезан“, во формално барање наведоа дека е неприфатливо Херцог, кој е обвинет за поттикнување геноцид, да влезе во земјата без последици.

Херцог бил поканет од премиерот Албанезе по нападот на плажата Бонди во декември, во кој загинаа 15 лица, а беа повредени 42.

„Секако ја поздравувам неговата посета и со нетрпение очекувам средба. Сметам дека ваквите посети придонесуваат за поголемо чувство на единство. Потребно е да ја градиме социјалната кохезија во оваа земја“, изјави Албанезе минатата недела.

Комисијата за истрага на Советот за човекови права на Обединетите нации за војната во Појасот Газа минатата година утврди дека Израел врши геноцид и наведе дека изјавите на Херцог по нападот на Хамас во октомври 2023 година се доказ за геноцидна намера.

Одделно, началникот на полицијата во Нов Јужен Велс, Мал Ленјон, најави продолжување на ограничувањата за протести за уште 14 дена пред најавените демонстрации против посетата на Херцог, јави „Еј-би-си њуз“.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.