Рочиште на рускиот опозиционер Навални: Пред судот приведени над 200 демонстранти
Судот денес ќе одлучи дали условната казна од 3,5 години, изречена поради измама, ќе биде преименувана во казна затвор. Алексеј Навални во 2014 година е осуден на 3 години и 6 месеци затвор поради измама и проневера“

МОСКВА (АА) - Во тек е судското рочиште на рускиот опозиционер Алексеј Навални во Московскиот градски суд, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Судот денес ќе одлучи дали условната казна од 3,5 години, изречена поради измама, ќе биде преименувана во казна затвор. Алексеј Навални во 2014 година е осуден на 3 години и 6 месеци затвор „поради измама и проневера“.
Судот ја суспендираше таа казна во условна во времетраење од 6 години, со што рускиот опозиционер беше обврзан да се јавува во полиција двапати месечно.
При враќањето од Германија, каде што се лекуваше поради труење, Навални (44) беше приведен во Москва на 17 јануари. Руските власти тогаш соопштија дека Навални ја прекршил условната слобода што му била досудена во 2014 година.
Во околината на Судот денес се преземени опсежни безбедносни мерки. Пред зградата се собраа граѓани кои сакаа да му дадат поддршка на рускиот опозиционер. Некои од нив се приведени.
Опозициските извори објавија дека се приведени повеќе од 200 лица. За рочиштето владее голем интерес меѓу медиумите, но не е дозволено фотографирање.
Во текот на сослушувањето, претставник на Федералната затворска служба, Александар Јармолин, тврди дека Навални, од 24 септември, додека бил на лекување во Германија, не давал информации за тоа каде се наоѓа.
Јармолин тврди дека Навални ги прекршил условите на судската контрола повеќе од 50 пати, вклучувајќи го и периодот додека бил на лекување во Берлин.
Навални се бранеше на рочиштето. Како што изјави, тој ги известил властите за својата адреса, наведувајќи дека ќе се врати во Русија што е можно поскоро. Навални тврди дека рускиот претседател Владимир Путин знаел каде се наоѓа од август минатата година.
Судот потоа премина на утврдување на доказите и одреди двочасовна пауза.