Република Северна Македонија ja слави 33-годишнината од независноста
- По стекнувањето независност, Северна Македонија си постави некои стратегиски цели, од кои најзначајни се членството во Европската Унија (ЕУ) и во НАТО.

СКОПЈЕ (АА)
Северна Македонија ја прославува 33-годишнината од својата независност по одделувањето од поранешна Југославија, известува Анадолу.
По стекнувањето независност, Северна Македонија си постави некои стратегиски цели, од кои најзначајни се членството во Европската Унија (ЕУ) и во НАТО.
Северна Македонија стана членка на НАТО во 2020 година, а има цел да стане и полноправна членка на ЕУ во наредниот период, иако одвреме-навреме наидува на голем број пречки.
- Процес на независност
Во раните деведесетти години на просторот на поранешна Југославија се случуваа политичките востанија и конфликти, а земјата што во тоа време беше позната како Македонија ја прогласи својата независност без воени конфликти.
Референдумот за независност на земјата се одржа на 8 септември 1991 година, на кој 95,3 % од граѓаните гласаа за независност на земјата.
Последователно, голем број земји, првенствено Туркије, ја признаа независноста на Република Македонија, како што беше именувана во тоа време.
Прв претседател на независна Македонија беше Киро Глигоров, а на 26 април 1992 година државата доби своја валута, денар. Во август истата година беше формирана Армијата на Република Македонија.
Иако на 8 април 1993 година Македонија беше едногласно прифатена за 181 полноправна членка на ОН на гласањето одржано на Генералното собрание на Обединетите нации (ОН), поради приговорот од јужниот сосед Грција, во организацијата на ОН беше вклучена со привремената референција „Поранешна Југословенска Република Македонија“.
- Промена на името
Иако имаше повеќегодишни прекини во преговорите за решавање на проблемот со името меѓу Македонија и Грција, сепак тие продолжуваа одвреме-навреме.
По 25 години од приемот на Македонија во ОН, Грција и Македонија со посредство на ОН спроведоа преговори по кои на 17 јуни 2018 година беше потпишан Преспанскиот договор во грчкото село Нивици, на брегот на Преспанското Езеро.
Според договорот познат како решение за името и договор за стратегиско партнерство, Македонија би го сменила името во „Северна Македонија“. За таа цел во тогашна Македонија се одржа референдум во септември 2018 година.
На референдумот што се одржа на 30 септември 2018 година беше поставено прашањето „Дали сте за членство во НАТО и ЕУ со прифаќање на договорот меѓу Македонија и Грција“. „За“ гласале 91,46 %, а против се изјасниле 5,65 % од граѓаните што излегле на гласање. Бројката на неважечки ливчиња изнесуваше 2,89 %.
Гласањето на референдумот беше бојкотирано од опозицијата, а излезноста изнесуваше на 36,91 %.
- Преговори со ЕУ
По промената на името, Северна Македонија, заедно со западниот сосед Албанија, ги започна преговорите за пристап во ЕУ на 19 јули 2022 година.
Северна Македонија, која доби статус на „земја кандидат“ уште во 2005 година, се очекува да го започне отворањето на поглавјата за членство во ЕУ откако ќе ги направи неопходните уставни измени што произлегуваат од билатералниот протокол потпишан со Бугарија.
Северна Македонија, која ги започна пристапните преговори со одржувањето на првата меѓувладина конференција со ЕУ во 2022 година, меѓу другото, треба да ги вметне Бугарите во својот Устав.
Северна Македонија не може да започне отворање на поглавјата со ЕУ без претходно да ги вклучи Бугарите во Уставот. За таква промена потребно е 2/3 мнозинство од 120-члениот Парламент на Северна Македонија, односно за тоа да гласаат 80 пратеници.
Според планираните измени, во Уставот во кој стои „Граѓани на Северна Македонија, Македонци, Албанци, Турци, Власи, Роми, Бошњаци и други националности“, потребно е да се додадат и националностите „Бугари, Хрвати, Црногорци, Словенци, Евреи и Египјани“.
- Нов претседател и нова Влада
Гордана Силјановска Давкова е избрана за претседателка на Северна Македонија по победата на изборите одржани на 8 мај годинава, со што стана прва жена претседател на државата.
Давкова победи во вториот круг од претседателските избори што се одржаа на ист датум со парламентарните избори во земјата како кандидатка на сојузот предводен од партијата ВМРО-ДПМНЕ, која беше победник на гласањето за новиот парламентарен состав. По победата ВМРО-ДПМНЕ формираше нова Влада.
Во периодот што следува голем интерес привлекува ставот на ВМРО-ДПМНЕ во односите со соседите, особено во односите со ЕУ, знаејќи дека оваа партија го бојкотираше референдумот за промена на името во 2018 година.