свет

Продолжува потрагата по Палестинците убиени во израелските напади во Газа

Екипите користат тешка механизација обезбедена од Египет за да стигнат до жртвите закопани под урнатините во областа која се наоѓа под опсада

Aida Cako  | 15.12.2025 - Обновена : 16.12.2025
Продолжува потрагата по Палестинците убиени во израелските напади во Газа Фото: Khames Alrefi/AA

ГАЗА (АА) - Денес во западниот дел на Газа продолжуваат напорите за пребарување и спасување за пронаоѓање на телата на Палестинците убиени во израелските напади, јавува Анадолу.

Екипите користат тешка механизација обезбедена од Египет за да стигнат до жртвите закопани под урнатините во областа која се наоѓа под опсада.

Израелската Армија денес започна нов бран напади врз јужниот и северниот дел на Појасот Газа, што претставува уште едно кршење на кревкиот прекин на огнот, кој е на сила од 10 октомври.

Очевидци за Анадолу изјавија дека израелската Армија извршила воздушни напади врз јужниот град Рафа, кој е целосно во жолтата зона контролирана од Армијата.

Тие додадоа дека од израелски воени возила бил испукан неселективен оган кон северна Рафа.

Израелската артилерија гранатираше неколку локации во источен Кан Јунис, а беше отворен оган од хеликоптери, според очевидци.

Источна Џабалија во северниот дел на Појасот Газа беше исто така цел на израелските хеликоптери, додека источниот дел од градот Газа беше нападнат од воени возила.

Според Министерството за здравство на Газа, убиени се повеќе од 390 лица, а над 1.060 се повредени во прекршувањата на прекинот на огнот од страна на Израел во енклавата од 10 октомври.

Израел уби речиси 70.700 Палестинци, повеќето жени и деца, а повреди над 171.100 во нападите врз Газа од октомври 2023 година, кои продолжија и покрај прекинот на огнот.



На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.