свет

Претседателот Ердоган го осуди насилството на американската полиција од кое почина Афроамериканецот Флојд

- Претседателот Ердоган во врска со смртта на Џорџ Флојд кој го загуби животот како последица на тортурата на американската полиција, изјави: „Го осудувам овој нехуман менталитет“

Dildar Baykan  | 29.05.2020 - Обновена : 29.05.2020
Претседателот Ердоган го осуди насилството на американската полиција од кое почина Афроамериканецот Флојд

ВАШИНГТОН

Претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган, преку својот профил на социјалната мрежа Твитер во објава на англиски ја искоментира смртта на Флојд предизвикана од полициското насилство во САД, јавува Агенција Анадолија (АА).

Претседателот Ердоган во својата објава наведува: „Расистичкиот и фашистички пристап што доведе до убиство на Џорџ Флојд како резултат на тортура во американскиот град Минеаполис, не само што нè вознемири сите нас, туку исто така беше и една од најболните манифестации на неправедниот поредок со кој се соочуваме во целиот свет. Го осудувам овој нехуман менталитет како член на исламската цивилизација која нè учи да го сакаме човештвото заради Создавачот. Каде и да е, во кој и да е контекст, на кој и да е начин, Турција секогаш застанува против секој вид напад врз човештвото.“

- „Ќе продолжиме да се бориме за заштита на човековите права“

Потсетувајќи на зборовите на пророкот Мухамед дека „Белата раса нема надмоќ врз црната. Ниту црната раса нема надмоќ врз белата“, претседателот Ердоган порача: „Во согласност со овој принцип, ќе продолжиме да се бориме за да ги заштитиме правата на целото човештво, без разлика на расата, бојата, религијата, јазикот или верата.“

Во објавата на социјалната мрежа претседателот Ердоган напиша: „Верувам дека сторителите на овој нехуман чин ќе ја добијат казната што ја заслужуваат. Ќе го следиме случајот. Со почит го споменувам Џорџ Флојд, а на семејството и неговите најблиски им изразувам сочувство.“

- Крикот на Флојд: „Не можам да дишам!“, на дневен ред го донесе полициското насилство

Џорџ Флојд (46), кој беше приведен од полицијата во Минеаполис под сомнение за измама, повеќе минути го молеше полицаецот застанат со колено на неговиот врат, со зборовите: „Не можам да дишам!“

Екипите на Брзата помош пристигнале на местото на настанот и го префрлиле Флојд во болница каде што тој починал, а случајните минувачи снимките направени со мобилен телефон од настанот ги споделија на социјалните мрежи.

Снимките повторно ги разгореа дискусиите околу полициското насилство над припадниците на црната раса во САД, предизвикувајќи протести во повеќе градови, првенствено во Минеаполис.


На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.