Ömer Faruk Salman
15 Јануари 2026•Ажурирај: 15 Јануари 2026
ГАЗИАНТЕП (АА) - Професорот по кардиологија во Градската болница во Газиантеп, Турција, проф. д-р Лутфу Ашкин, укажа на влијанието на пушењето врз срцевиот инфаркт, истакнувајќи дека кај лицата што се откажуваат од пушење ризикот од инфаркт за кратко време се намалува за 50 проценти.
Ашкин во изјавата за Анадолу посочи дека срцевиот инфаркт настанува како резултат на создавање тромб и затнување на крвниот сад, поврзано со пукнатина што се јавува во крвните садови.
Тој нагласи дека меѓу факторите на ризик за инфаркт се хиперлипидемијата, седентарниот начин на живот, дијабетесот, дебелината, стресот и депресијата.
Нагласувајќи дека најважен корективен фактор на ризик за инфаркт е пушењето, Ашкин рече: „Кога ќе се откаже пушењето, во рок од една до две години ризикот од инфаркт се намалува за 50 проценти. Покрај тоа, движењето е од големо значење. Потребно е секојдневно да се пешачи најмалку 30 минути.“
Ашкин истакна дека дебелината и неактивниот начин на живот доведуваат до создавање плаки во крвните садови, што предизвикува нивно затнување.
Тој додаде дека доколку кај овие пациенти се појави болка во градите и постои сомнение за инфаркт, треба веднаш да се контактира итната медицинска помош.
„Може да се даде аспирин, треба да се подобри сатурацијата на кислород, да се избегнуваат непотребни седативни лекови и пациентот да се пренесе во најблискиот центар во рок од 2 часа. Секоја болка не е срцева, но некои пациенти може да се јават и без болка“, изјави тој.