ОН со извештаи за континуирани „егзекуции и сексуално насилство“ во Судан
„Стотици цивили, меѓу кои и хуманитарни работници, се убиени, додека голем број остануваат заробени во градот со мала или никаква комуникација со надворешниот свет“
ХАМИЛТОН (АА) – Обединетите нации (ОН) денес соопштија дека борбите во Судан продолжуваат да предизвикуваат големо страдање, со извештаи за „егзекуции по кратка постапка и сексуално насилство“ додека цивилите остануваат заробени во опколениот град Ел-Фашер, јавува Анадолу.
„Продолжуваме да добиваме веродостојни извештаи за егзекуции по кратки расправи и сексуално насилство. И повеќе од една недела по преземањето (од страна на паравоените Сили за брза поддршка (RSF), градот останува барикадиран, а цивилите не можат да заминат“, изјави портпаролот на ОН, Фархан Хак, на прес-конференција.
„Стотици цивили, меѓу кои и хуманитарни работници, се убиени, додека голем број остануваат заробени во градот со мала или никаква комуникација со надворешниот свет“, рече Хак.
„Доставата на помош за спасување животи останува блокирана од страна на РСФ, спротивно на нивната обврска според меѓународното хуманитарно право да го олесни брзото и непречено доставување на таква помош“, додаде тој.
Хак ја цитираше Канцеларијата за координација на хуманитарни работи (OCHA), која рече дека „опструкцијата од страна на РСФ е неприфатлива и повикува на итен и непречен пристап до жителите заробени во Ел-Фашер. Итниот прекин на непријателствата е клучен за да се обезбеди заштита на цивилите“.
Тој нагласи дека условите во блискиот град Тавила во државата Северен Дарфур се „ужасни“, со „семејства кои живеат на отворено или во импровизирани засолништа, залихите од храна се исцрпуваат и количините на чиста вода се оскудни“.
Посочувајќи дека насилството во Судан ескалирало и во регионот Кордофан, каде што се пријавени „тешки прекршувања, вклучително и наводно погубување на цивили по кратка постапка“, Хак рече: „Во државата Јужен Кордофан, УНИЦЕФ (Детскиот фонд на Обединетите нации) вчера соопшти дека најмалку осум деца наводно се убиени, а три други повредени откако во ракетни напади погодени се засолништа за раселени лица минатиот петок“.
„Уште еднаш, OCHA повикува на итно, флексибилно финансирање за поддршка на милионите луѓе зафатени во катастрофалниот конфликт во Судан“, рече тој, повикувајќи ги меѓународните донатори да ја зголемат поддршката.
„Со само два месеци од годинава, планот за хуманитарен одговор за Судан за 2025 година е финансиран само 28 % со оглед на огромните потреби, со 1,17 милијарди долари примени до денес од потребните 4,16 милијарди долари“, рече тој.
РСФ неодамна ја презедоа контролата врз градот Бара во Северен Кордофан како дел од нивната тековна војна со суданската Армија, иако негираат дека нишанеле цивили.
На 26 октомври, РСФ го зазедоа градот Ел-Фашер, главниот град на државата Северен Дарфур, извршија масакри врз цивили, според локални и меѓународни организации, среде предупредувањата дека нападот би можел да ја зацврсти географската поделба на Судан.
Од 15 април 2023 година, суданската Армија и РСФ се во воен судир на кој регионалните и меѓународните медијации не успеаја да му стават крај. Во конфликтот убиени се илјадници луѓе, а раселени се милиони.
На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
