Најопасните вулкани на светот
Според податоците на Глобалната програма за вулкани, во последните 10.000 години, на Земјата се забележани околу 1.500 активни вулкани. Денеска сѐ уште се активни околу 600 вулкани

Ankara
АНКАРА (АА) - По ерупцијата на вулканите во Хаваи и Гватемала минатата недела и стотиците жртви, настанатата голема материјална штета од лавата која се излеваше, уште еднаш на дневен ред дојдоа опасностите кои за човековата заедница ги претставуваат активните вулкани, пишува Anadolu Agency (AA).
Според податоците на Глобалната програма за вулкани на Смитсоновиот институт и Американскиот геолошки завод (USGS), во последните 10.000 години, на земјината површина се забележани околу 1.500 активни вулкани. Денеска сѐ уште се активни околу 600 вулкани. Споменатите вулкани имаат најмалку една ерупција на секои 50 до 60 години.
На Земјината топка, сѐ уште постојат активни вулкани, кои, доколку се активираат можат да предизвикаат сериозни човечки загуби и материјални штети. Големата населеност во подрачјето околу вулканот, лавата и гасовите кои за време на ерупциите вулканот ги исфрла во околината и периодот на повторување на вулканските ерупции, ја покажуваат стапката на опасност на вулканот врз човековата заедница.
Според податоците на Глобалната програма за вулкани, меѓу најопасните вулкани на светот спаѓаат Везув, Рејнир, Новарупта, Пинатубо, Света Елена, Агунг, Фуџи и Мерапи.
- Проклетството на Помпеја: Вулканот Везув -
Кога се зборува за вулканите и за нивната разорна моќ врз човековата заедница, првиот вулкан што му паѓа на ум на секој човек е Везув во Италија. Во ерупцијата на Везув во 79 година пр. н. е., во потполност е уништен градот Помпеја. Везув во последните 17.000 години, имаше осум големи ерупции. Според информациите објавени од страна на Глобалната програма за вулкани, при ерупцијата на Везув, од магмата која се излева од вулканот, зголемено е количеството на силициумдиоксид кое ја зголемува дебелината на лавата. Затоа, според податоците на Глобалната програма за вулкани, ерупцијата на овој вулкан предизвикува големо разорување врз околината.
Последната ерупција на Везув е забележана во 1944 година. Во околината на вулканот, која е подложна на дејството на можна ерупција, сѐ уште живеат приближно 6 милиони луѓе.
- Бисер на Северозападен Пацифик: Вулканот Рејнир -
Во близина на градот Сиетл, во американската држава Вашингтон се наоѓа планината Рејнир, која претставува еден од најопасните вулкани на светот. Опасноста на вулканот за луѓето, кој за последен пат еруптираше во 1984 година, досегнува до предградијата на градовите Сиетл и Такома.
Од друга страна, каква било ерупција на вулканот би предизвикала топење на глечерите и се претпоставува дека би дошло до создавање кал и лизгање на земјиштето. На просторот кој е под влијание на вулканот живеат околу 2 милиона луѓе.
- Творец на Долината на 10.000 дима -
Во американската сојузна држава Алјаска се наоѓа вулканот Новарупта, кој претставува еден од најопасните активни вулкани на светот. Последната ерупција на вулканот е забележана во 1912 година што претставува најголема ерупција на Земјата во 20 век. По ерупцијата, во атмосферата се исфрлени 30 милијарди метри кубни пепел и прашина, по што од исфрлените лава и прашина, беше формирана Долината на 10.000 дима. И покрај тоа што во околината на планината не живее голем број население, количеството сулфур и прашина што беа ослободени по експлозијата во 1912 година, предизвика респираторни проблеми кај луѓето и во населените подрачја далеку од вулканот.
- Тивка опасност на пацифичкиот остров: Вулканот Пинатубо -
Вулканот Пинатубо на филипинскиот остров Лузон, се најде во центарот на меѓународниот интерес по големата ерупција во 1991 година. Забележана како втора по големина ерупција на 20 век, вулканот Пинатубо предизвика смрт на најмалку 722 лица. Денеска, и покрај постоечката опасност, на оддалеченост до 100 километри од вулканот, живеат околу 21 милион луѓе.
- Вашингтонскиот масив во мирување: Вулканот Света Елена -
Во јужниот дел на американската сојузна држава Вашингтон се наоѓа вулканот Света Елена, кој по ерупцијата во 1980 година, влезе во историјата на оваа земја како најсмртоносна ерупција. Во ерупцијата животот го загубија 57 лица, илјадници грла стока се уништени, а шума со површина од 518 квадратни километри се претвори во пепел. Според Американскиот геолошки завод, во однос на честотата на активирање на вулканот, постои голема веројатност во блиска иднина да има нова ерупција.
- Огнената круна на островот Бали: Вулканот Агунг -
На индонезискиот остров Бали се наоѓа вулканот Агунг, кој својата последна ерупција ја имаше во 2017 година. По ерупцијата на вулканот во 1963 година, од него 11 месеци се излеваше лава. Во оваа природна катастрофа животот го загубија повеќе од 1.000 луѓе и беше предизвикана голема материјална штета. Сѐ уште на просторот што е под влијание на вулканот Агунг, живеат околу 4 милиони луѓе.
- Симболот на Јапонија: Вулканот Фуџи -
Познатиот јапонски вулкан Фуџи немал ерупција од 1707 година наваму. Експертите сметаат дека по земјотресот со интензитет од 9 степени кој ја потресе Јапонија во 2011 година, зголемен е притисокот во планината, и според нив, тоа би можело да предизвика нова експлозија. Се истакнува дека пепелта исфрлена при ерупцијата на Фуџи во 1707 година, стигнала до Токио. На просторот под дејство на вулканот живеат околу 25 милиони луѓе.
- Огнената планина на Индонезија: Мерапи -
Најактивниот вулкан во Индонезија е планината Мерапи, која има ерупции стотици години наназад. Според НАСА, најголемата опасност од ерупцијата на Мерапи претставува постоењето на поголемото количество силициумдиоксид во исфрлената лава. Лавата која може да се прошири на многу голема површина, претставува закана за голем број луѓе. Овој вулкан за последен пат еруптираше на 11 мај и во атмосферата исфрли големи количества прашина и дим. Активирањето на вулканот предизвика присилно евакуирање на населението. Под влијание на вулканот, сѐ уште живеат 24 милиони луѓе.
Во централноамериканската држава Гватемала, на 40 километри од главниот град Гватемала се наоѓа вулканот Фуего, кој минатата недела наутро еруптираше и започна да исфрла лава. Лавата ги уништи куќите и објектите во населеното место Ел Родео. Експлозијата предизвика смрт на 110 луѓе, а околу 200 се водат за исчезнати.
И во американската држава Хаваи, во почетокот на мај, дојде до ерупција на вулканот Килауеа. Активирањето на вулканот предизвика голема материјална штета врз стотици куќи и објекти во околината, а илјадници лица беа присилно евакуирани.