Стотици Грци се собраа на пристаништето Пиреј за да блокираат испорака на воена опрема на Израел
- Демонстрантите носеа палестински знамиња и транспаренти со пораки за солидарност со палестинскиот народ и осуда на геноцидната војна што Израел ја води во Појасот Газа.

АТИНА
Стотици Грци денес се собраа на пристаништето Пиреј, едно од најголемите во Европа, со цел да го блокираат праќањето на челик со воени спецификации наменет за Израел, јавува Анадолу.
Меѓу учесниците имаше работници од пристаништето, членови на прогресивни организации и здруженија што ја поддржуваат Палестина, како и симпатизери на различни левичарски партии. Тие носеа палестински знамиња и транспаренти со пораки за солидарност со палестинскиот народ и осуда за, како што ја нарекоа, геноцидната војна што Израел ја води во Појасот Газа.
Маркос Бекрис, претседател на синдикатот на работниците за ракување со контејнери (ЕНЕДЕП) на пристаништето, во изјавата за Анадолу рече дека акцијата има цел да спречи трансфер на пет контејнери со челик со воени спецификации што пристигнале од Индија и требало да бидат пренесени на друг брод со дестинација – Израел.
„Апсолутно не сакаме ниту нашата земја, ниту нашето пристаниште да бидат вмешани во оваа војна, ниту во транспорт на воена опрема што ќе се користи во неа. Не сакаме оваа опрема да се користи против палестинскиот народ што се бори за сопствена држава, ниту да предизвикува смрт на жени и деца. Ние не сакаме нашите раце да бидат извалкани со крвта на невини луѓе“, изјави Бекрис.
Катарина, една од демонстрантките, рече дека дошла како и стотици други за да искаже силна солидарност со Палестинците.
Посочувајќи дека каргото ќе се користи за продолжување на геноцидот на Палестинците во Газа, таа ги обвини Европската Унија и Грција дека се соучесници.
И покрај меѓународните повици за прекин на огнот, израелската армија од октомври 2023 година води брутална офанзива во Појасот Газа, при што се убиени речиси 58.500 Палестинци, најголем дел од нив жени и деца.
Во ноември минатата година Меѓународниот кривичен суд издаде налози за апсење на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и поранешниот министер за одбрана Јоав Галант поради воени злосторства и злосторства против човештвото во Газа.
Израел, исто така, се соочува со тужба за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата за војната во енклавата.
На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.