İlayda Çakırtekin
22 Април 2025•Ажурирај: 24 Април 2025
ИСТАНБУЛ (АА) - Шефот на Агенцијата на Обединетите нации за палестински бегалци (УНРВА), Филипо Лазарини, денес ја осуди израелската опсада на Газа, која продолжува од 2 март, и повика на продолжување на прекинот на огнот, јавува Анадолу.
„Уште колку е потребно за празните зборови да се претворат во дела за да се стави крај на опсадата, да се продолжи прекинот на огнот и да се спаси она што останало од човештвото?“, напиша Лазарини на социјалната мрежа Х.
Тој нагласи дека два милиони луѓе, од кои најголем дел се жени и деца, се соочуваат со „колективна казна“, додека повредените и болните се лишени од медицинска помош.
„Гладот се шири и се продлабочува, тоа е намерно и создадено од човекот. Газа е претворена во земја на очај“, предупреди Лазарини.
Според него, речиси 3.000 камиони со хуманитарна помош на УНРВА чекаат на влез во Газа, но залихите се пред истекување поради блокадата.
„Хуманитарната помош стана 'чип за преговарање' и оружје во оваа војна. Блокадата мора да биде укината, помошта мора непречено да пристигне, заложниците да бидат ослободени, а прекинот на огнот мора да се обнови“, додаде тој.
Обединетите нации вчера одбележаа 50 дена откако Израел воведе целосна блокада на хуманитарната помош за Појасот Газа, предупредувајќи на брзо влошување на состојбата и зголемена опасност за животите на цивилите.
Израелската армија ги обнови нападите врз Газа на 18 март, и покрај договорот за прекин на огнот и размена на затвореници постигнат на 19 јануари.
Досега, од почетокот на нападите во октомври 2023 година, во Газа се убиени повеќе од 51.200 Палестинци.
Израел ја прекина испораката на хуманитарна помош на 2 март, веднаш по завршувањето на првата фаза од 42-дневниот договор за прекин на огнот.