Ekipa
21 Април 2025•Ажурирај: 22 Април 2025
САРАЕВО (АА) - Над 500 камиони од цела Босна и Херцеговина денеска продефилираа низ улиците на Сараево. Според организаторите, овој симболичен чин го претставува обединетиот глас на секторот за патен транспорт, „кој повеќе не сака да биде игнориран“, јавува Анадолу.
На овој начин, наведуваат, се обидуваат да ја зачуваат индустријата со 47.000 вработени.
Главниот проблем со кој се борат превозниците се однесува на бројот на денови колку што можат да останат во Европската Унија, што важи и за превозниците кои се само во транзит.
Бараат итно воведување двегодишен мораториум за примена на правилото 90/180 со ЕУ, враќање на акцизите на горивото, пократки задржувања на границите и царините преку забрзана дигитализација на процесите и олеснувања во деловните трошоци во патниот транспорт.
Во 11:00 часот камионите тргнаа од Ступска петља кон Плоштадот Босна и Херцеговина, каде што направија симболично свртување. Возилата потоа се вратија на почетната точка и го напуштија градот.
Од Пленумот на Конзорциумот за логистика на Босна и Херцеговина соопштија дека доколку до 25 април не добијат покана за состанок од министерствата за сообраќај и надворешни работи на БиХ, најавија дека од 28 април ќе започнат со блокада на граничните премини и царинските терминали.