Најмалку 90 мртви, 12 исчезнати во поплавите што го зафатија централен Виетнам
Поплавите го зафатија централен Виетнам и Централните Висорамнини, предизвикувајќи голема штета и повеќе од 341 милион долари економски загуби
ИСТАНБУЛ (АА) - Најмалку 90 лица загинаа, а 12 се водат како исчезнати по силните поплави што го опустошија централен Виетнам оваа недела, сопшти Одделот за управување со катастрофи, јавува Анадолу.
Поплавите го зафатија централен Виетнам и Централните Висорамнини, предизвикувајќи голема штета и повеќе од 341 милион долари економски загуби, објави денес „VnExpress“, повикувајќи се на Одделот за управување со насипи и спречување на природни катастрофи.
Покраината Дак Лак регистрираше најголем број жртви, 63. Покраината Кан Хоа, каде што се наоѓа крајбрежниот град На Транг, пријави 14 смртни случаи. Лам Донг потврди пет, Гиа Лаи три, Хуе и Да Нанг по два, а Куанг Три една жртва.
Поплавите оштетија 1.154 домови и предизвикаа прекини на транспортот низ регионот, оставајќи делови од клучните автопати и рурални патишта непроодни поради високите води и лизгањето на земјиштето.
Прекините на електричната енергија погодија околу 1,2 милиони домаќинства. До денес, 257.000 домови сè уште се без електрична енергија, што доведе до големи прекини во мобилната и интернет-врската.
Виетнамскиот премиер Фам Мин Чин повика на посилни мерки за справување со тешките поплави и други природни катастрофи што ги погодуваат централните покраини, според „Виетнам њуз“.
Виетнамската влада издвои итна помош во вкупен износ од 700 милијарди виетнамски донгови (26,6 милиони долари) за поддршка на активностите за закрепнување во сериозно погодените региони.
Властите соопштија дека воен и полициски персонал е распореден за да одговори на катастрофата.
Тие соопштија дека 3,24 милиони грла добиток и живина угинале или се однесени од поплавите.
На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
