Најмалку 11 лица, меѓу кои и бремена жена, се убиени во новите израелски напади врз Појасот Газа
- Од рано утринава, израелската Армија го гранатира бегалскиот камп Шати во Појасот Газа, а воедно се вршат и воздушни напади врз јужната населба Ал-Сабра.

ГАЗА/ИСТАНБУЛ (АА) - Најмалку 11 Палестинци, меѓу кои и бремена жена и дете, се убиени во новите израелски напади врз Појасот Газа, јавува Анадолу.
Според медицински извори, еден Палестинец е убиен и неколку се повредени во израелски оган во бегалскиот камп Шати во Појасот Газа.
Од рано утринава, израелската Армија го гранатира бегалскиот камп, а воедно се вршат и воздушни напади врз јужната населба Ал-Сабра.
Израелските воени возила се повлекоа од улицата Ал-Џала откако распоредија војници синоќа на значајна раскрсница што ги поврзува северниот и јужниот дел од градот, рута што ја користат цивилите и медицинските екипи, според дописникот на Анадолу.
Палестинка и нејзините шест синови беа убиени, а многу други беа повредени во израелски напад врз куќа во западен Деир ал-Балах, во централниот дел на Појасот Газа.
Израелската Армија нападна уште една куќа во бегалскиот камп Нусејрат, при што беа повредени неколку цивили.
Уште една куќа на палестинско семејство беше погодена од израелската артилерија во бегалскиот камп Бурејџ. Сè уште нема информации за жртви.
Во јужниот дел на Појасот Газа, едно лице, неговата бремена сопруга и нивното дете беа убиени кога израелската Армија гранатираше шатор во кој се засолнуваа раселените цивили во областа Ал-Маваси во Хан Јунис.
На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.