МААЕ: Дрон експлодираше близу нуклеарна централа во Украина
„Уште еднаш, дронови летаат премногу блиску до нуклеарните централи, ставајќи ја нуклеарната безбедност во ризик. За среќа, синоќешниот инцидент не предизвика штета на самата електрана. Следниот пат можеби нема да имаме таква среќа“

ИСТАНБУЛ (АА) – Дрон експлодирал на само 800 метри од нуклеарна електрана во јужниот дел на Украина во текот на ноќта, што Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) го опиша како уште еден сериозен инцидент што ја потенцира постојаната закана за нуклеарната безбедност во услови на војната меѓу Русија и Украина, јавува Анадолу.
Генералниот директор на МААЕ, Рафаел Гроси, изјави дека настанот уште еднаш ги покажува ризиците од воените активности околу нуклеарните постројки.
„Уште еднаш, дронови летаат премногу блиску до нуклеарните централи, ставајќи ја нуклеарната безбедност во ризик. За среќа, синоќешниот инцидент не предизвика штета на самата електрана. Следниот пат можеби нема да имаме таква среќа“, предупреди Гроси.
Тимот на МААЕ кој е стациониран на локацијата соопшти дека операторите на централата забележале 22 дрона, од кои некои се приближиле на помалку од половина километар од постројката.
Членови на тимот кои престојуваат во близина слушнале експлозии околу 1 часот по полноќ, а подоцна извршиле увид на местото каде што еден дрон се урнал и оставил кратер со дијаметар од четири метри и длабочина од еден метар.
Од шрапнелот биле оштетени металните конструкции и биле искршени стакла на возилата, а погоден бил и регионален далновод од 150 киловолти, кој не бил поврзан со електраната. Нема пријавени жртви.
Јужната украинска нуклеарна електрана е една од трите активни во земјата и сите три нејзини реактори работат со полн капацитет.
Инцидентот се случи по само 30 часа откако нуклеарната централа Запорожје ја доживеа својата десетта целосна загуба на надворешно напојување од почетокот на војната.
Објектот е веќе повеќе од 48 часа без електрична енергија и се потпира на дизел-генератори за ладење на шесте реактори и одржување на системите за безбедност.
Пред конфликтот, централата во Запорожје имаше 10 напојувачки линии. Сега зависи од еден единствен далновод од 750 киловолти, оштетен оваа недела за време на воените активности.
Според МААЕ, има резерви на гориво за генераторите за речиси 20 дена, а редовно се обезбедуваат нови испораки. Мониторингот на радијацијата во и околу централата покажал нормални нивоа.
„Повеќе од три и пол години МААЕ прави сè што е во нејзина моќ да спречи нуклеарна несреќа за време на оваа разорна војна. Ќе можеме да кажеме дека нашата мисија била успешна само ако војната заврши без сериозна нуклеарна несреќа“, нагласи Гроси.
Агенцијата потврди и дека испорачала нова опрема за зајакнување на нуклеарната безбедност во Украина.
Испораките се финансирани од Австрија, Чешка, Германија, Италија, Јужна Кореја и Шведска, како дел од поширок пакет помош вреден околу 20 милиони евра од почетокот на војната.