Jorge Antonio Gonzalez Rocha
22 Септември 2025•Ажурирај: 23 Септември 2025
МЕКСИКО СИТИ (АА) - Бројот на загинати во експлозијата на цистерна што превезуваше течен нафтен гас (LPG) во Мексико Сити на почетокот на септември се искачи на 28, објавија властите вчера, јавува Анадолу.
Градските власти ја потврдија смртта на 36-годишна жртва што се здобила со тешки изгореници откако камионот, кој превезуваше 49.500 литри течен нафтен гас (ЛПГ), експлодира на главна авенија во главниот град.
Несреќата се случи на 10 септември на мостот Ла Конкордија - автопат со голем сообраќај што го поврзува Мексико Сити со околните држави.
Мексиканскиот јавен здравствен систем соопшти дека три лица сѐ уште се хоспитализирани и се во критична состојба.
Меѓу преживеаните е и двегодишно девојче што ја преживеа експлозијата благодарение на постапките на нејзината баба Алисија Матијас Теодоро, која го заштитила детето со своето тело. Матијас Теодоро почина на 14 септември од изгореници што покривале 90% од нејзиното тело. Нејзината внука, Џазлин Азулет, според наводите, е во стабилна состојба и се лекува во детската болница „Шрајнерс“ во Галвестон, Тексас, во САД.
Вмешаните компании - „Групо Томза“, снабдувач со гас, и „Транспортадора Силза“, оператор на камионот - сè уште не им обезбедиле никаква финансиска отштета на жртвите или на нивните семејства.
Во заедничка изјава Министерството за животна средина и природни ресурси (Семарнат) и Агенцијата за безбедност, енергетика и животна средина (ASEA) известија дека транспортната компанија немала осигурителна покриеност и не ја поседувала потребната полиса за одговорност за животната средина.
„Групо Томза“, која беше казнета во 2022 година заедно со други компании за монополски практики, и понатаму има договори од повеќе милиони пезоси со мексиканската Влада. Но жртвите и нивните семејства известуваат дека не добиле никаква помош за медицинските трошоци.
На 19 септември Норма Алисија Росас, генерална директорка на Мексиканското здружение на осигурителни институции (AMIS), изјави дека властите се одговорни за утврдување на одговорноста и дека секој случај ќе се разгледува поединечно.
Досега и вклучените компании и властите на Мексико Сити тврдат дека експлозијата ја предизвикал возачот на камионот, кој наводно возел пребрзо во време на инцидентот.
Сепак, повеќе медиуми и корисници на социјалните мрежи ја посочија лошата состојба на патот како потенцијален фактор што придонесува за тоа. Канцеларијата на јавниот обвинител на градот тврди дека експлозијата се случила откако камионот удрил во бетонската бариера што ја предизвикало експлозијата.
Возачот на камионот, Фернандо Сото Мунгија, почина на 16 септември во болница во Мексико Сити од тешките изгореници што ги доби во несреќата.