ЕУ предложи 19. пакет санкции за Русија
„Предлогот на Комисијата за 19. пакет санкции ќе има цел дополнително да ја ослаби веќе ослабената воена економија на Русија“, рече Домбровскис

ИСТАНБУЛ (АА) - Европската комисија го предложи 19. пакет санкции за Русија, изјави денес комесарот за економија и продуктивност на Комисијата, Валдис Домбровскис, јавува Анадолу.
„Предлогот на Комисијата за 19. пакет санкции ќе има цел дополнително да ја ослаби веќе ослабената воена економија на Русија“, рече Домбровскис за време на прес-конференцијата на Еврогрупата во Копенхаген.
Портпаролката на Комисијата, Паула Пињо, исто така, денес на прес-конференцијата во Брисел изјави дека Комисијата го усвоила 19. пакет санкции за Русија.
Пињо додаде дека претседателката Урсула фон дер Лајен и шефицата за надворешна политика на ЕУ, Каја Калас, ќе го објават пакетот санкции попладнево.
Наведувајќи дека никој не имплементирал построги санкции од Европа, Домбровскис нагласи дека санкциите функционираат, особено како дел од координираниот пристап на Г7.
Тој рече дека санкциите на Г7 веќе ѝ нанеле реални трошоци на руската економија што се движат во стотици милијарди долари.
„Но јасно е дека мора дополнително да го засилиме притисокот врз Русија за да ја направиме нејзината агресивна војна неодржлива“, изјави Домбровскис.
Тој додаде дека деталите ќе бидат објавени „многу наскоро“.
- „Заем за репарација на Украина“ -
Домбровскис, исто така, објави дека ќе ги користат имобилизираните средства на Руската централна банка како заеми со ограничен регрес за Украина, што тој го нарече „Заем за репарација“.
„Сега работиме на технички детали што се однесуваат на одредена загриженост и прашања за да изградиме правно, финансиски и фискално стабилен инструмент“, додаде Домбровскис.
На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.