Кралицата Елизабета II одбележува 70 години на британскиот трон
Таа е монарх со најдолг стаж во британската историја, која дојде на тронот во 1952 година
ЛОНДОН (АА) - Елизабета Александра Мери Виндзор, попозната како кралицата Елизабета II, ја одбележа 70-годишната како е на британскиот трон, пишува Агенција Анадолија (АА).
Таа е монарх со најдолг стаж во британската историја, која дојде на тронот во 1952 година.
Бакингемската палата по тој повод објави листа на настани планирани за летово, концерти, специјални церемонии, улични забави и дополнителен одмор за јавноста.
Родена на 21 април 1926 година, таа дојде на тронот по смртта на нејзиниот татко кралот Џорџ VI на 6 февруари 1952 година.
Во 2015 година таа стана британски монарх со најдолг стаж, оставајќи го зад себе рекордот на кралицата Викторија, која на тронот беше 63 години и седум месеци.
Нејзиното прво отворање на Парламентот беше на 4 ноември 1952 година, а следната година на 2 јуни во Вестминстерската опатија беше одржано нејзиното крунисување.
- Посредна кралица -
Откако нејзиниот дедо, кралот Џорџ V, почина во 1936 година, следен во кралската линија беше нејзиниот вујко, Едвард VIII.
Меѓутоа, владеењето на Едвард беше кратко.
По неговата абдикација за да се ожени со Американката Волис Симпсон, таткото на Елизабета се искачи на тронот како крал Џорџ VI правејќи ја младата принцеза наследничка на 10-годишна возраст.
Елизабет никогаш не одела на училиште, туку имала приватни учители дома.
Таа се приклучила на женската Помошна територијална служба и се обучила како возач на камиони и механичар во 1945 година, кога имала само 18 години.
- Семејство -
Поручникот Филип Маунтбатен и принцезата Елизабета официјално ја објавија својата свршувачка во јули 1947 година и се венчаа во Вестминстерската опатија на 20 ноември 1947 година.
Кралицата и Филип имаа две деца, принцот Чарлс и принцезата Ана, пред таа да дојде на тронот. Тие добија уште две деца, принцот Ендру и принцот Едвард, откако таа стана кралица. Имаат осум внуци и 10 правнуци.
Принцот Филип почина на 9 април 2021 година на 99-годишна возраст.
- Платинест јубилеј -
Елизабета е првиот британски монарх кој го дочека платинестиот јубилеј, што значи 70 години на тронот.
Таа е единствената жена член на кралското семејство која влегла во вооружените сили.
Елизабета II е шефица на држава која има најмногу пропатувано во светот, посетила над 110 земји, но никогаш не користела пасош бидејќи нема. Таа е исто така и единствената личност на која ѝ е дозволено да вози без возачка дозвола во Велика Британија.
- Значајни настани -
Нејзината прва официјална посета беше во Западна Германија во 1965 година и прва на британски крал од 1913 година.
На 21 октомври 1966 година, во лавина од кал и вода од рудник за јаглен загинаа 116 деца и 28 возрасни во селото Аберфан во Јужен Велс. Кралицата го посети местото по една недела, кога доби критики бидејќи се очекуваше да дојде порано.
На 29 јули 1981 година, околу 750 милиони луѓе во 74 земји ја гледаа венчавката на принцот Чарлс со леди Дијана Спенсер во катедралата „Свети Павле“.
Елизабета стана првиот британски монарх што ја посети континентална Кина во 1986 година.
Кралицата и кралското семејство добија критики од јавноста по смртта на принцезата Дијана во сообраќајната несреќа во Париз во 1997 година. Елизабета одби да дозволи знамето да се вее на половина копје над Бакингемската палата или да ѝ се обрати на ожалостената нација за многу саканата принцеза. Но, таа набрзо го промени својот став за знамето, ги поздрави ожалостените и имаше ретко телевизиско обраќање.
Некои значајни меѓународни случувања за време на владеењето на кралицата се кризата во Суецкиот Канал во 1956 година, кубанската ракетна криза од 1962 година, Шестдневната војна во 1967 година, слетувањето на Месечината во 1969 година, Иранската револуција во 1979 година, падот на Берлинскиот ѕид во 1989 година, Распадот на Советскиот Сојуз во 1991 година, Договорот од Мастрихт во 1992 година, геноцидот во Руанда во 1994 година, изборот на Нелсон Мандела за претседател во 1994 година, нападите од 11 септември 2001 година и пандемијата на коронавирусот во 2020 година.
Кога Елизабета II седна на тронот во 1952 година, претседател на СССР беше Јосиф Сталин, а на чело на САД беше претседателот Хари Труман.
Велика Британија за време на нејзиното владеење имаше 14 премиери, од Винстон Черчил до Борис Џонсон.
94-годишната кралица е шефица на државата на 15 земји од Комонвелтот, меѓу кои се Австралија, Канада, Нов Зеланд, Антигва и Барбуда, Бахамите, Белизе, Гренада, Јамајка, Папуа Нова Гвинеја, Света Луција, Соломонските Острови, Свети Китс и Невис, и Свети Винсент и Гренадини, како и на државите што не се дел од Комонвелтот како Гибралтар, Фолкландските Острови, Бермудите и Кајманските Острови.
