Италијанските обвинители повикаа на распит осомничен за снајперско пукање „за забава“ врз цивили во Сараево
Истрагата произлегува од кривичната пријава поднесена во февруари 2025 година од италијанскиот новинар и писател Ецио Гавацени, кој доставил документи и докази поврзани со опсадата на Сараево
РИМ (АА) – Италијанските обвинители повикаа едно лице на распит во рамки на истрагата за наводи дека неколку италијански државјани за време на војната во Босна и Херцеговина патувале во земјата за да им се приклучат на српските снајперски единици и да пукаат врз цивили „за забава“, објавија локалните медиуми денес, јавува Анадолу.
Истрагата произлегува од кривичната пријава поднесена во февруари 2025 година од италијанскиот новинар и писател Ецио Гавацени, кој доставил документи и докази поврзани со опсадата на Сараево.
Обвинителството во Милано ја започна истрагата во ноември 2025 година, фокусирајќи се на т.н. „викенд-снајпери“ – лица кои, наводно, доаѓале од Италија и други земји за да учествуваат во нападите за време на војната.
Италијанската новинска агенција АНСА, повикувајќи се на судски извори, објави дека 80-годишен поранешен возач на камион, кој живее во североисточниот град Порденоне, бил повикан на распит. Се очекува сослушувањето да се одржи на 9 февруари.
Според обвинителите, во период меѓу 1992 и 1995 година, осомничениот и други засега неидентификувани лица пукале со снајперски пушки од ридовите околу Сараево, при што убивале невооружени цивили, меѓу кои жени, деца и постари лица, како дел од организиран план.
Италијанските медиуми дополнително објавија дека осомничениот подоцна се фалел дека учествувал во т.н. „лов на луѓе“ за време на опсадата на градот.
Сараево беше нападнато на 6 април 1992 година и остана под опсада повеќе од три години. Во тој период беа убиени 11.541 цивил, меѓу кои 1.601 дете. Инфраструктурата на градот, како и бројни историски и културни објекти, беа тешко оштетени.
На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
