свет

Интервенцијата во Венецуела: Од Гренланд до Иран, заканите на Трамп низ континентите

Во саботата, САД изведоа голема операција против Каракас, по што Мадуро и неговата сопруга Силија Флорес беа приведени и префрлени во САД, каде што се очекува да се соочат со кривични обвиненија пред судот во Њујорк

Rabia Ali  | 05.01.2026 - Обновена : 06.01.2026
Интервенцијата во Венецуела: Од Гренланд до Иран, заканите на Трамп низ континентите

ИСТАНБУЛ (AA) – Приведувањето на венецуелскиот претседател Николас Мадуро од страна на Соединетите Американски Држави (САД) за време на викендот го насочи вниманието кон сè поинтензивната употреба на воени закани од страна на американскиот претседател Доналд Трамп кон други земји, јавува Анадолу.

Во саботата, САД изведоа „голема“ операција против Каракас, по што Мадуро и неговата сопруга Силија Флорес беа приведени и префрлени во САД, каде што се очекува да се соочат со кривични обвиненија пред судот во Њујорк.

Според „Њујорк тајмс“, кој се повикува на венецуелските власти, во американската рација загинале околу 80 лица. Трамп подоцна најави дека САД ќе воспостават контрола врз земјата во наредниот период, доколку е потребно и со распоредување американски трупи.

По враќањето на функцијата минатиот јануари, Трамп повеќепати упатуваше закани кон повеќе држави, наведувајќи причини како национална безбедност, трговија со дрога, јавни протести и ривалство со Кина и Русија.

Во продолжение е прегледот на земјите кон кои Трамп упати закани или предупредувања во текот на првата година од неговиот нов мандат.

- Гренланд -

Набргу по преземањето на функцијата, Трамп повторно ја подигна идејата за американска контрола врз Гренланд, автономна данска територија и членка на НАТО.

Во неделата тој повторно ја истакна својата позиција, тврдејќи дека на САД им е потребен Гренланд поради националната безбедност, повикувајќи се на, како што рече, зголеменото руско и кинеско присуство околу стратешки лоцираниот остров.

Говорејќи пред новинарите во авионот Ер Форс Уан, Трамп изјави дека Гренланд е „исклучително стратешки“ и дека моментално е опкружен со руски и кинески бродови.

„Ни треба Гренланд од аспект на националната безбедност, а Данска нема да може да го обезбеди тоа“, рече тој.

Трамп додаде дека американската контрола врз Гренланд би им служела и на пошироките западни интереси, наведувајќи дека и Европската Унија „има потреба САД да го имаат“ од безбедносен аспект.

Гренланд, најголемиот остров во светот, е автономна територија на Данска од 1979 година.

По неговите изјави, данската премиерка Мете Фредериксен го повика да „престане со заканите“, нагласувајќи дека „САД немаат право да анектираат ниту една од трите територии од Данското Кралство“.

- Колумбија -

Во периодот пред нападите врз Венецуела, Трамп често го обвинуваше Каракас дека е одговорен за нелегалниот увоз на дрога во САД.

По воената акција во Венецуела, тој упати директно предупредување до колумбискиот претседател Густаво Петро, обвинувајќи го дека е вмешан во трговија со дрога.

Говорејќи пред новинарите во Ер Форс Уан, на прашањето за можна операција против Колумбија, Трамп изјави: „Ми звучи добро“.

Тој ја нарече земјата „многу болна“, тврдејќи дека е „водена од болен човек кој сака да произведува кокаин и да го продава во Соединетите Американски Држави“.

Петро ги отфрли обвинувањата, истакнувајќи дека неговото име не се појавува во судските досиеја за трговија со дрога во изминатите 50 години.

„Престанете да ме клеветите, господине Трамп“, напиша Петро на американската платформа за социјални медиуми X.

- Куба -

По американската интервенција во Венецуела, Трамп се осврна и на Куба, предизвикувајќи стравувања од можна слична акција.

Во саботата, тој ја опиша Куба како „пропадната држава“ и го критикуваше нејзиното раководство за, како што рече, децении економски колапс и страдање.

„Народот таму страда со години и мислам дека Куба е нешто за што ќе зборуваме“, изјави Трамп.

„Сакаме да им помогнеме на луѓето на Куба, но исто така сакаме да им помогнеме на луѓето кои беа протерани од Куба и живеат во оваа земја“, додаде тој.

- Иран -

Трамп повеќепати упатуваше закани и кон Иран, последната во петокот, поврзана со тековните протести во земјата поради влошената економска состојба.

Тој изјави дека САД ќе „дојдат во помош“ на иранските демонстранти кои излегоа на улиците во текот на изминатите денови.

„Доколку Иран пука и насилно убие мирни демонстранти, што е нивен обичај, САД ќе им дојдат на помош (на демонстрантите). Ние сме опремени, натоварени и подготвени да тргнеме“, рече тој.

Иранските власти остро реагираа на заканата, а портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи, Есмаил Багаи, изјави дека Иранците нема да дозволат странско мешање и дека ќе ги решат своите проблеми „преку дијалог и ангажман“.

Минатиот месец, Трамп, на неговата последна средба со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, исто така рече дека ќе поддржи израелски напад врз Иран доколку Техеран ја продолжи својата нуклеарна програма, предупредувајќи дека „ќе ги нокаутира до смрт“.

„Сега слушам дека Иран се обидува повторно да се изгради. И ако се случи тоа, ќе мора да ги собориме“, рече Трамп, додавајќи дека слушнал оти Техеран сака да преговара за договор со Вашингтон.

За време на 12-дневната војна меѓу Израел и Иран во јуни минатата година, САД нападнаа три големи ирански нуклеарни објекти, вклучувајќи ги Фордо, Натанц и Исфахан, користејќи бомби разбивачи на бункери.

Иако прекинот на огнот меѓу Техеран и Тел Авив, постигнат со посредство на САД, се почитува од јуни, тензиите продолжуваат да тлеат.

Според некои извештаи, можна нова рунда напади врз иранските ракетни и балистички ракетни програми била меѓу клучните теми дискутирани за време на средбата на Нетанјаху со Трамп.

- Мексико -

Трамп неодамна го обвини Мексико дека е управувано од наркокартели, велејќи дека „нешто“ мора да се направи со земјата.

Говорејќи за „Фокс њуз“, тој изјави дека „картелите го водат Мексико“ и дека САД повеќепати понудиле помош за справување со нив.

Трамп тврдеше дека постојано нудел помош од неговата земја во преземањето мерки против наркокартелите што работат во Мексико.

„Но, тие влегуваат преку јужната граница, најчесто“, рече тој. „И нешто ќе мора да се направи со Мексико.“

- Панама -

Минатиот јануари, Трамп најави можност за преземање контрола врз Панамскиот Канал, обвинувајќи ја Панама за лошо управување и дозволување кинеско влијание.

„Нè третираа многу лошо поради овој глупав подарок што никогаш не требаше да биде направен“, рече тој за време на едно обраќање.

„Пред сè, Кина управува со Панамскиот Канал. И ние не ѝ го дадовме на Кина. Ние ѝ го дадовме на Панама и го земаме назад.“

- Канада -

Трамп, исто така, ја промовираше идејата Канада да стане 51-ва американска држава во јануари.

Тврдејќи дека многу Канаѓани го поддржуваат неговиот предлог, тој во јануари минатата година тврдеше дека овој потег ќе донесе економска стабилност во Канада и ќе ја заштити од перципирани надворешни закани, вклучувајќи ги и „руските и кинеските бродови“.

Во септември, Трамп ја повтори својата реторика, велејќи дека земјата треба да размисли за приклучување кон САД како 51-ва сојузна држава.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.