Израел тврди дека едно тело вратено од Хамас не се совпаѓа со ниту еден од заложниците
- „По извршените испитувања во Националниот институт за судска медицина, четвртото тело предадено на Израел од Хамас не се совпаѓа со ниту еден од заложниците“, се вели во соопштението на израелската армија.

ИСТАНБУЛ (АА) – Израелската Армија денес тврди дека едно од четирите тела вратени од палестинската група Хамас еден ден претходно, согласно со договорот за прекин на огнот во Газа, не се совпаѓа со ниту еден од заложниците, јавува Анадолу.
„По извршените испитувања во Националниот институт за судска медицина, четвртото тело предадено на Израел од Хамас не се совпаѓа со ниту еден од заложниците“, се вели во военото соопштение.
Војската го повика Хамас „да ги вложи сите потребни напори за враќање на починатите заложници“.
Немаше веднаш коментар од палестинската група за израелското тврдење.
Хамас ги предаде останките на уште четворица израелски заложници вчера, по еден ден откако ослободи 20 живи израелски заложници и ги предаде телата на четворица заложници во замена за речиси 2.000 палестински затвореници според првата фаза од договорот за прекин на огнот во Газа.
Се очекува уште четири тела да бидат вратени во Израел денес, според израелскиот јавен радиодифузен сервис КАН.
Минатата недела, американскиот претседател Доналд Трамп објави дека Израел и Хамас се согласиле за првата фаза од планот што го предложи на 29 септември за воведување прекин на огнот во Газа, ослободување на сите израелски заложници во замена за палестински затвореници и постепено повлекување на израелските сили од целиот Појас Газа. Првата фаза од договорот стапи на сила во петокот.
Втората фаза од планот предвидува воспоставување нов управувачки механизам во Газа без учество на Хамас, формирање на безбедносни сили составени од Палестинци и војници од арапските и исламските земји и разоружување на Хамас.
Од октомври 2023 година, во израелските напади во Појасот Газа убиени се повеќе од 67.600 Палестинци, повеќето од нив жени и деца.
На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.