Израел се закани дека ќе ги интензивира нападите против иранскиот режим
„Премиерот и јас им наложивме на Израелските одбранбени сили (ИДФ) да го зголемат интензитетот на нападите врз стратешките позиции во Иран и владините точки во Техеран за да ги неутрализираат заканите по државата Израел“

ИСТАНБУЛ (АА) - Израелскиот министер за одбрана, Израел Кац, денес истакна дека Израел ќе ги интензивира нападите врз Иран за да го поткопа иранскиот режим, пренесува Анадолу.
„Премиерот и јас им наложивме на Израелските одбранбени сили (ИДФ) да го зголемат интензитетот на нападите врз стратешките позиции во Иран и владините точки во Техеран за да ги неутрализираат заканите по државата Израел и да го поткопаат режимот на ајатолахот“, порача Кац преку својот официјален профил на платформата X.
Премиерот Бенјамин Нетанјаху, исто така, вети дека Иран ќе ја „плати цената“ за неговите ракетни напади кон централен Израел изведени рано утрово.
Според израелскиот јавен радиодифузен сервис КАН, околу 20-30 ирански ракети ги погодиле Тел Авив, Рамат Ган и Холон, како и болницата Сорока во јужниот град Бершеба.
Иранската државна новинска агенција ИРНА тврди дека ракетите го погодиле седиштето на израелската Армија и разузнавачката служба во близина на болницата Сорока и дека бранот на експлозија предизвикал повреди во болницата.
Најмалку 65 Израелци се повредени во новиот бран ракетни напади, според израелските власти.
На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.