свет

Израел евакуираше неколку градови, побара меѓународна помош за борба против пожарите предизвикани од топлотен бран

Според соопштението на Службата за противпожарна заштита и спасување, евакуирани се заедниците Неве Шалом, Бекоа, Таоз, Нахшон и Месилат Цион

Mohammad Sıo  | 30.04.2025 - Обновена : 30.04.2025
Израел евакуираше неколку градови, побара меѓународна помош за борба против пожарите предизвикани од топлотен бран

АНКАРА/ИСТАНБУЛ (АА) - Израелските власти евакуираа неколку населени места и затворија еден од главните автопатишта во централниот дел на земјата поради шумските пожари предизвикани од екстремно високите температури, а Тел Авив побара меѓународна помош за совладување на огнената стихија што брзо се шири, јавува Анадолу.

Според соопштението на Службата за противпожарна заштита и спасување, евакуирани се заедниците Неве Шалом, Бекоа, Таоз, Нахшон и Месилат Цион.

Поради високите температури и силниот ветер избувнаа пожари во неколку региони. Во гаснењето се ангажирани 111 противпожарни тимови и 11 авиони.

Израелскиот јавен радиодифузен сервис КАН објави дека голем пожар се шири во областа на шумата Ештаол, која се наоѓа помеѓу Ерусалим и Тел Авив.

Властите издадоа предупредувања и можни наредби за евакуација и на други заедници.

Службата за противпожарна заштита го подигна нивото на тревога на највисоко и побара меѓународна поддршка за гаснење на пожарите. Како мерка на претпазливост, затворена е главната сообраќајница што ги поврзува Ерусалим и Тел Авив.

Израел побара авиони за гаснење пожари од Грција, Хрватска, Италија и кипарската грчка администрација, јавува КАН.

Според весникот „Једиот Ахронот“, досега во пожарите се повредени 12 лица.

Минатата недела израелските спасувачки служби веќе евакуираа жители на неколку населени места во централниот дел на земјата поради пожарите предизвикани од високите температури и силните ветрови што зафатија површина од 10.000 дунами (околу 2.500 акри) и беа повредени девет лица.



На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
Поврзани теми
Bu haberi paylaşın