Жителите на сириски Идлиб преживуваат од собирање железо од урнатините на сопствените домови
„Секој ден во раните утрински часови одиме кај урнатините и собираме железо. Асадовите режимски сили нѐ бомбардираат ако нѐ видат. Принудени сме да го правиме тоа за да можеме на децата да им дадеме леб“

ИДЛИБ (АА) - МЕХМЕТ БУРАК КАРАЏАОГЛУ/АХМЕТ КАРААХМЕТ -
Жителите на Идлиб водат борба за преживување, а еден од ретките извори на заработка е старото железо што го собираат од пеплиштата на сопствените куќи уништени во нападите на силите лојални на режимот на сирискиот претседател Башар ал Асад, пишува Агенција Анадолија (АА).
Војната во Сирија започна во март 2011 година, а во нападите на режимските сили уништени се стотици илјади куќи.
Мухамед Вефа за АА изјави дека старото железо и арматурата од срушените куќи се неговиот единствен извор на приход.
„Секој ден во раните утрински часови одиме кај урнатините и собираме железо. Асадовите режимски сили нѐ бомбардираат ако нѐ видат. Принудени сме да го правиме тоа за да можеме на децата да им дадеме леб“, рече Вефа.
Вработениот во Центарот за откуп и рециклирање на старо железо во Идлиб, Амар Касим, за АА изјави дека тоа е важно со оглед на големата потреба за арматура за обнова или за изградба на објектите.
„Луѓето собираат старо железо на урнатините и ни го носат, а ние го рециклираме за потребите на градежниците“, рече Касим.
Идлиб е најголемата енклава под контрола на сириската опозиција која е под опсада на силите лојални на режимот на Башар ал Асад и неговите сојузници.
Со посредство на Турција, Русија и Иран, за време на мајските преговори во 2017 година во Астана, Идлиб беше прогласен за една од четирите зони на деескалација. Силите лојални на режимот на Асад го прекршија договорот и зазедоа три зони, а во Сочи на 17 септември 2018 година беше постигнат дополнителен договор за примирје во Идлиб и воспоставување на деескалациска зона.
Согласно договорот, опозициските сили го повлекоа тешкото вооружување од регионот, а силите лојални на режимот на Асад не ги прекинаа артилериските и воздушните напади во тој регион.
Турција и Русија во март минатата година постигнаа договор за протокол со кој сите страни во Идлиб се повикуваат на прекин на огнот, а турските и руските сили, во својство на гаранти на примирјето, заеднички вршат контролни патроли вдолж линиите на раздвојување, односно по должината на Автопатот М4.