ИСТАНБУЛ (АА) – Сараевската декларација на „Трибуналот за Газа“, „народен трибунал“ формиран како независна иницијатива за истрага на тековните воени злосторства на Израел во Газа, денес го осуди израелскиот „режим“ и неговите постапки, јавува Анадолу.
Изминатите три дена на Меѓународниот универзитет во Сараево беа одржани сесии на теми како што се политичката економија на геноцидот и уништувањето на Газа, злосторството на изгладнување, улогата на меѓународниот систем во ерата на геноцидот, народните трибунали и криминализацијата на студентските протести.
Од октомври 2023 година, Израел има убиено повеќе од 54.000 Палестинци во Газа, најмногу жени и деца. Постoјаното бомбардирање речиси целосно ја разруши територијата, предизвикувајќи недостиг на храна и основни потреби и зголемувајќи го ризикот од глад.
- „Колективен морален гнев“ -
Сараевската декларација изрази „колективен морален гнев за тековниот геноцид во Палестина“ и се обврза на „соработка со партнерите од светската граѓанска заедница за прекин на геноцидот и обезбедување одговорност за извршителите и помагачите“ со цел „слободна Палестина“.
„Го осудуваме израелскиот режим, неговото вршење на геноцид и децениските политики и практики на колонијализам, етносупремацизам, апартхејд, расна сегрегација, прогон, незаконски населби, негирање на правото на враќање, колективно казнување, масовни притвори, тортура и суров, нечовечен третман и казнување, вонправни егзекуции, системско сексуално насилство, рушења, присилно раселување и протерувања, етничко чистење и демографски промени, принудно изгладнување, системско негирање на економските и социјалните права и истребување“, се вели во соопштението.
Во декларацијата се објавува отфрлање на „деструктивната идеологија на ционизмот, како официјална државна идеологија на израелскиот режим, на силите што ја колонизирале Палестина и ја формирале израелската држава врз нејзините урнатини, како и на произраелските организации и прокси структури денес“.
Во таа насока, се повикува „на деколонизација на територијата, крај на етносупремацистичкиот поредок и замена на ционизмот со уредување засновано на еднакви човекови права за христијаните, муслиманите, Евреите и други“.
Декларацијата бара итен прекин на израелските воени дејства и повлекување на воените сили, како и запирање на „геноцидот, присилното раселување и протерувања, колонизаторските активности, опсадата на Газа и ограничувањата на движењето на Западниот Брег“.
- „Соучество“ во воените злосторства -
Трибуналот за Газа го осуди и „континуираното соучество на владите во извршување на израелските воени злосторства, злосторства против човештвото и геноцид во Палестина, како и срамната улога на многу медиумски корпорации во прикривање на геноцидот, дехуманизација на Палестинците и ширење на пропаганда што поттикнува антипалестински расизам, воени злосторства и геноцид“.
Истакнувајќи го палестинското право на самоопределување, трибуналот истакна дека тоа е „jus cogens и erga omnes“ – универзално правило кое не подлежи на исклучоци и е обврзувачко за сите држави и дека е „непреговарачко и аксиоматско“.
Во барањата беше вклучено и продолжување на неограничената хуманитарна помош за Газа и повлекување на сите израелски сили од либанска и сириска територија.
Во соопштението се повикани сите влади и меѓународни организации „да го прекинат историскиот скандал на неактивност кој ги обележа изминатите деветнаесет месеци, итно да реагираат со сите расположливи средства за прекин на израелскиот напад и опсада, почитување на меѓународното право, изведување на извршителите пред одговорност и обезбедување итна помош и заштита за народот на Палестина“.
Декларацијата, исто така, ги призна напорите на независните специјални процедури на Советот за човекови права на ОН и на Агенцијата за бегалци на ОН (УНРВА), поздравувајќи ја нивната „принципиелна акција во одбрана на правата на палестинскиот народ“.
Трибуналот за Газа официјално беше формиран во Лондон во ноември 2024 година од страна на коалиција од академици, интелектуалци, активисти за човекови права и претставници на граѓанските организации, како одговор на, како што велат, „целосниот неуспех на организираната меѓународна заедница да го спроведе меѓународното право“ во Газа.
По собирот во Сараево, трибуналот планира да ја одржи својата завршна сесија во октомври годинава во Истанбул.
За време на тој настан, „Жирито за совеста“ ќе претстави нацрт на заклучоци и одлуки на трибуналот, засновани на сведоштва од очевидци и изјави на Палестинци погодени од кризата.
news_share_descriptionsubscription_contact
