Животот постепено се враќа во нормала во населените места во сириски Алепо ослободени од ЈПГ/СДФ
- По повеќегодишна окупација, сириската Армија на 10 јануари ги ослободи Шеик Максуд и Ашрафие, што претставуваше пресвртница во напорите за отстранување на терористичката група од заземените територии
АЛЕПО (АА) – Животот постепено се враќа во нормала во населбите Шеик Максуд и Ашрафие во северниот дел на Алепо, кои неодамна беа ослободени од контролата на терористичката организација ЈПГ/СДФ, јавува Анадолу.
По повеќегодишна окупација, сириската Армија на 10 јануари ги ослободи Шеик Максуд и Ашрафие, што претставуваше пресвртница во напорите за отстранување на терористичката група од заземените територии.
По повлекувањето на групата од овие населби, таа брзо изгуби контрола врз околу 40 отсто од териториите што ги држеше во североисточна Сирија.
Сместени во близина на централното градско подрачје, Шеик Максуд и Ашрафие се познати како дом на сиромашни христијани, Курди и Сиријци од различни етнички заедници, раселени поради граѓанската војна.
Населбите сѐ уште ги носат трагите од уништувањата предизвикани од нападите на режимот на Баас, како и од судирите поврзани со претворањето на овие области во упоришта на терористичката организација.
Како и во други делови на Сирија, влезот во овие населби се одвива преку контролни пунктови на сириските безбедносни сили. На зградите сè уште се забележуваат барикади изградени со вреќи песок, а каблите за привремено снабдување со електрична енергија висат меѓу објектите како пајажина.
Од ослободувањето на 10 јануари, во Шеик Максуд повторно се чувствува животот. Уличните продавачи ги повикуваат купувачите, се слушаат автомобилски сирени и музика, а улиците се исполнети со луѓе
Жителите изјавија за Анадолу дека условите значително се подобриле, стравот се намалил, а безбедноста е повторно воспоставена.
И покрај тоа, како и во другите ослободени области, граѓаните и понатаму се загрижени за можни напади и бараат од властите да ги решат локалните проблеми.
Духа Салахедин Амури, асистентка во стоматолошка ординација во Шеик Максуд, изјави дека состојбата значително се подобрила по ослободувањето.
Амури рече дека луѓето почнале да се враќаат во своите домови и дека безбедноста е воспоставена, истакнувајќи дека не се случил поголем хаос, и покрај очекувањата за поголеми немири, а ситуацијата е под контрола.
Таа додаде дека имало по некои кражби, но сторителите биле идентификувани, нагласувајќи дека жителите се среќни што повторно се интегрирани со остатокот од Алепо.
„Ние ги сакаме нашите курдски соседи. Секогаш им велиме: ако некој ве вознемирува, кажете ни“, истакна Амури.
„Претходно немавме струја и вода и не можевме да ја напуштиме населбата. Сега повторно живееме заедно на иста територија“, додаде таа.
Таа исто така апелираше до сириската Влада да продолжи со расчистување на преостанатите закани и посочи дека обновата на земјата допрва почнува.
Таа изрази оптимизам за иднината на Сирија, повикувајќи ги Сиријците низ светот да се вратат дома и да учествуваат во обновата на земјата.
- „Се надеваме дека ќе биде уште подобро“ -
Вејс Халил Махмуд изјави дека порано живеел во постојан страв, но сега повторно чувствува мир.
„Безбедноста е вратена, услугите функционираат и се надеваме дека ќе биде уште подобро“, рече тој.
Тој нагласи дека основните потреби, како струја и леб, сега повторно се обезбедуваат, за разлика од периодот на окупацијата, кога, како што вели, никој не се грижел за проблемите на граѓаните.
Хамид Газал, сопственик на ресторан во близина на Цитаделата во Алепо, истакна дека многу жители таму нашле засолниште за време на нападите на режимот, додавајќи дека безбедносната состојба сега значително се подобрила.
Сепак, дел од жителите одбија да зборуваат пред камера, стравувајќи од одмазда од преостанатите членови на терористичката организација. Тие изразија загриженост дека се можни напади со автомобил бомби.
Граѓаните очекуваат новата администрација да донесе подобрувања во безбедноста, економијата, здравството и образованието, како и да ги реши проблемите со инфраструктурата, струја, вода и интернет.
- Развој на настаните во Сирија -
Сириската Армија започна операции во североисточна Сирија откако СДФ не ги исполни условите од договорот за прекин на огнот.
Според договорот, СДФ требаше да ги повлече воените формации источно од реката Еуфрат и на сириската Влада да ѝ ги предаде административната и безбедносната контрола врз провинциите Рака и Деир ез-Зор.
Договорот, исто така, наложи сите гранични премини и енергетски ресурси да бидат под централна владина власт, а персоналот на СДФ да биде индивидуално интегриран во сириските министерства за одбрана и внатрешни работи по безбедносна проверка.
Во вторникот вечерта Министерството за одбрана на Сирија објави четиридневен прекин на огнот со СДФ „во согласност со договорите објавени од сириската држава со СДФ“ и „од желба да се обезбеди успех на националните напори што се преземаат“.
Со СДФ доминира ЈПГ, сириски огранок на терористичката организација ПКК.
ПКК е класифицирана како етнонационалистичка и сепаратистичка терористичка организација од агенцијата на ЕУ за спроведување на законот, Европол, а во Германија е забранета од 1993 година.
На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
