свет

Сириската мисија на ЕУ во Брисел нападната од поддржувачи на терористичката организација ЈПГ/СДФ

Инцидентот траел помалку од половина час, соопшти мисијата, додавајќи дека сирискиот амбасадор и вработените во мисијата, заедно со група Сиријци пристигнале и повторно го истакнале националното знаме

Melike Pala  | 22.01.2026 - Обновена : 22.01.2026
 Сириската мисија на ЕУ во Брисел нападната од поддржувачи на терористичката организација ЈПГ/СДФ

БРИСЕЛ (AA) – Сириската мисија при Европската Унија во Брисел синоќа била цел на напад од поддржувачи на терористичката организација ЈПГ/СДФ, кои се обиделе да го заменат националното знаме со знаме поврзано со организацијата, денес за Анадолу потврди мисијата.

Според соопштението, околу 18 часот по локално време група напаѓачи се искачиле преку ѕидот на мисијата, пристапиле до балконот на првиот кат, го отстраниле сириското национално знаме и го замениле со транспарент со слоган што „не ги претставува Сирија, нејзиниот народ ниту нејзините чесни граѓани“.

Видеоснимките што кружат на социјалните мрежи, според наводите, прикажуваат како група лица се искачуваат на зградата и го заменуваат сириското национално знаме со знаме поврзано со терористичката организација.

Инцидентот траел помалку од половина час, соопшти мисијата, додавајќи дека сирискиот амбасадор и вработените во мисијата, заедно со група Сиријци кои живеат во Брисел, пристигнале на местото и повторно го истакнале националното знаме.

Белгиската полиција целосно соработувала со мисијата која, преку координација со безбедносните служби и снимките од безбедносните камери, успеала да ги идентификува сторителите, се наведува во соопштението, додавајќи дека веќе е утврден идентитетот на дел од осомничените.

По поднесувањето формална пријава од мисијата, белгиските безбедносни власти повеле истрага за, како што се наведува, „сериозен случај“ и „експлицитен напад врз безбедноста и светоста на дипломатските простории“.

Се додава дека зградата на мисијата ќе биде ставена под 24-часовна заштита од белгиските безбедносни сили.

Во соопштението, исто така, е изразена благодарност до Сиријците, кои вечерта се собрале пред мисијата, како и до оние што итно пристигнале на местото, за нивните напори „да ги заштитат честа и достоинството“ на Сирија и нејзиното национално знаме.

Инцидентот се случи во време кога сириската армија спроведува операции во Североисточна Сирија откако СДФ не ги почитуваше одредбите од договорот за прекин на огнот. Според договорот, СДФ требаше да ги повлече воените формации источно од реката Еуфрат и на сириската Влада да ѝ ги предаде административната и безбедносната контрола врз провинциите Рака и Деир ез-Зор.

Договорот, исто така, наложи сите гранични премини и енергетски ресурси да бидат под централна владина власт, а персоналот на СДФ да биде индивидуално интегриран во сириските министерства за одбрана и внатрешни работи по безбедносна проверка.

Во вторникот вечерта Министерството за одбрана на Сирија објави четиридневен прекин на огнот со СДФ „во согласност со договорите објавени од сириската држава со СДФ“ и „од желба да се обезбеди успех на националните напори што се преземаат“.

Со СДФ доминира ЈПГ, сириски огранок на терористичката организација ПКК. ПКК е класифицирана како етнонационалистичка и сепаратистичка терористичка организација од агенцијата на ЕУ за спроведување на законот, Европол, а во Германија е забранета од 1993 година.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
Поврзани теми
Bu haberi paylaşın