свет

ЕУ: Повторно започнаа преговорите за Договорот за нуклеарната програма со Иран

„Важен е исходот од мисијата на Мора во Иран. Помина подобро од очекуваното. Преговорите беа заглавени, но сега се обновени. Така што, неговото патување беше многу плодно“

Selen Temizer  | 13.05.2022 - Обновена : 15.05.2022
ЕУ: Повторно започнаа преговорите за Договорот за нуклеарната програма со Иран

БРИСЕЛ (АА) - Високиот претставник за надворешни односи и безбедносна политика на Европската Унија (ЕУ), Жозеп Борел, истакна дека преговорите за повторно спроведување на иранскиот Договор за нуклеарната програма се обновени по двомесечна пауза, јавува Агенција Анадолија (АА).

Борел одговараше на новинарски прашања пред започнувањето на состанокот на министрите за надворешни работи на Г7 во Германија.

Осврнувајќи се на фактот дека Енрике Мора, еден од високите дипломати на неговиот тим, бил приведен од германската полиција на аеродромот во Франкфурт, Германија, додека се враќал во Брисел од состаноците во Иран, Борел рече дека инцидентот е завршен и дека Мора се качил на авионот и го продолжил патувањето според својот распоред.

„Важен е исходот од мисијата на Мора во Иран. Помина подобро од очекуваното. Преговорите беа заглавени, но сега се обновени. Така што, неговото патување беше многу плодно“, нагласи Борел.

Шпанскиот дипломат на ЕУ, Енрике Мора, водеше повеќемесечни преговори во Виена во име на ЕУ. Мора на почетокот на оваа недела замина во Техеран на дипломатски разговори со иранските власти, бидејќи преговорите во Виена беа заглавени пред извесно време.

Мора утринава на својот профил на социјалните мрежи напиша дека германската полиција го привела него и двајца високи европски дипломати и ги задржала извесен период без да наведе никаква причина.

- Преговори за нуклеарната програма со Иран -

Во Виена, главниот град на Австрија, се водат преговорите за нуклеарната програма со цел да се обезбеди целосна имплементација на договорот и враќање на САД на договорот со учество на високи претставници од Русија, Кина, Германија, Франција, Велика Британија и Иран.

Вашингтон, кој еднострано се повлече од договорот во 2018 година во периодот на поранешниот американски претседател Доналд Трамп, во разговорите учествува индиректно преку ЕУ.

Вашингтон сака Техеран да се врати на преземените обврски во договорот. Од друга страна, Иран прво бара САД да се вратат на договорот, да ги укинат сите санкции и да дадат гаранции дека повеќе нема да го напуштат договорот.

Високиот претставник на ЕУ за надворешни односи и безбедносна политика, Жозеп Борел, соопшти дека преговорите се прекинати на 11 март поради „надворешни фактори“.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
Поврзани теми
Bu haberi paylaşın