свет

Германскиот Парламент го одобри новиот закон за воена служба

– Германскиот Парламент денес го усвои законот за реформирање на системот на воена служба, воведувајќи задолжителни здравствени прегледи за сите 18-годишни мажи, додека самото служење останува на доброволна основа

Ayhan Şimşek  | 05.12.2025 - Обновена : 05.12.2025
Германскиот Парламент го одобри новиот закон за воена служба

БЕРЛИН (АА) – Германскиот Парламент денес го усвои законот за реформирање на системот на воена служба, воведувајќи задолжителни здравствени прегледи за сите 18-годишни мажи, додека самото служење останува на доброволна основа, јавува Анадолу.

Со 323 гласа „за“, 272 „против“ и еден глас воздржан, Бундестагот го одобри новиот закон кој има за цел да ја зголеми бројноста на Бундесверот на меѓу 255.000 и 270.000 активни војници до 2035 година.

Според новиот систем, сите мажи кои ќе наполнат 18 години и се со датум на раѓање од 1 јануари 2008 година наваму ќе мора да пополнат прашалник за своите способности, физичка подготвеност и подготвеност за служба. Мажите се должни да одговорат и да поминат медицински прегледи, додека учеството за жените останува доброволно.

Министерот за одбрана Борис Писториус пред пратениците изјави дека законот претставува важен чекор за јакнење на одбранбените капацитети на Германија. Тој истакна дека службата засега останува доброволна, но додаде дека доколку тоа не биде доволно, земјата ќе мора да размисли за делумно воведување регрутација.

Законот сега треба да добие зелено светло и од Бундесратот, Горниот дом на Парламентот, подоцна овој месец за да стапи во сила на 1 јануари 2026 година.

Реформата се носи во услови на хроничен недостиг од персонал во Германските вооружени сили, кои моментално располагаат со околу 184.000 активни војници. За исполнување на обврските кон НАТО, Министерството за одбрана планира да го зголеми бројот на војници на околу 270.000 до 2035 година, што бара регрутирање приближно 20.000 нови припадници секоја година.

Германија ја укина задолжителната воена служба во 2011 година, преминувајќи на целосно волонтерска професионална војска.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.