свет

Германија и Словенија го критикуваа унгарскиот премиер за некоординирана посета на Русија

Oliver Towfigh Nia  | 28.11.2025 - Обновена : 28.11.2025
Германија и Словенија го критикуваа унгарскиот премиер за некоординирана посета на Русија

БЕРЛИН (AA) – Германскиот канцелар Фридрих Мерц и словенечкиот премиер Роберт Голоб денес упатија критики кон унгарскиот премиер Виктор Орбан поради неговата посета на Москва, каде што тој се сретна со рускиот претседател Владимир Путин, јавува Анадолу.

Говорејќи на заедничка прес-конференција во Берлин, Мерц потсети и на засилените руски воздушни напади што следуваа по минатогодишната посета на Орбан на Москва, „веднаш по неговото стапување на функцијата претседател на Европскиот совет“.

„Таа посета не беше само неуспешна. Неколку дена подоцна, руската Армија започна некои од најжестоките напади врз цивилната инфраструктура и цивилните цели во Украина. Се надевам дека Русија нема да реагира на ист начин и овојпат. Но тој патува без европски мандат и без консултација со нас“, додаде Мерц.

- Орбан повеќе не „игра за европскиот тим“

Во меѓувреме, Голоб ги повтори критиките на Мерц за патувањето на Орбан во Москва, велејќи дека унгарскиот премиер дејствувал првенствено во свои интереси.

„Стравувам дека Виктор Орбан одамна не игра за европскиот тим“, рече Голоб, според официјалниот транскрипт од прес-конференцијата.

Тој нагласи дека и оваа посета исто така, се вклопува во овој контекст. „Не очекуваме никакви придобивки или предности од оваа посета“, додаде тој.

Според извештаите, Орбан денеска во Кремљ се сретна со Путин за да разговараат за енергетските снабдувања и војната против Украина.

Путин и Орбан и претходно одржале низа директни средби за време на руско-украинскиот конфликт.

Во сличен развој на настаните, германската Влада го повика Путин „да седне на (преговарачка маса)“.

„Мировните разговори немаат смисла ако во нив учествува само едната страна. Владимир Путин мора да стане активен дел од процесот. На тоа сме фокусирани“, изјави портпаролот на германскиот канцелар Штефен Мајер, на брифинг со новинарите во Берлин.



На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
Поврзани теми
Bu haberi paylaşın