Во Шпанија изгореа над 39.000 хектари, пожарите принудија илјадници на евакуација
Од вкупно 4.735 регистрирани пожари, 3.274 биле помали (помалку од еден хектар), а 14 се класифицирани како големи пожари над 500 хектари – бројка што го надминува десетгодишниот просек

ЖЕНЕВА (АА) – Шпанија се соочува со серија големи пожари во една од најтешките летни сезони во последните години, при што пламените јазици проголтаа десетици илјади хектари и предизвикаа евакуации од рурални села до локации под заштита на УНЕСКО, објавија денес локалните медиуми, јавува Анадолу.
Шпанското Министерство за еколошка транзиција соопшти дека 39.155 хектари изгореле низ целата земја во период меѓу 1 јануари и 3 август - 9% повеќе од минатогодишната бројка за овој период, иако сепак е 37 отсто под 10-годишниот просек од 62.235 хектари, според шпанската телевизија Ла Секста.
Од вкупно 4.735 регистрирани пожари, 3.274 биле помали (помалку од еден хектар), а 14 се класифицирани како големи пожари над 500 хектари – бројка што го надминува десетгодишниот просек.
Податоците покажуваат дека 39,96% од пожарите се случиле на северозападот, 24,44% во медитеранскиот регион, 35,27% во внатрешните области и 0,34% на Канарските Острови.
Во Галиција сè уште се активни неколку пожари.
Во Кастро де Ескуадро, пожар од ниво на опасност 2, кој беше изгаснат вчера, уништи околу 300 хектари во општината Мацеда, Оренсе.
Други пожари се еден контролиран во А Фонсаґрада, Луго (150 хектари), стабилизиран пожар во А Естрада, Понтеведра (20 хектари изгорени) и во Вилариньо де Консо, Оренсе (слична површина).
Понатаму на исток, во автономната заедница Кастиља и Леон, има околу 10 активни пожари.
Најсериозен е оној во Молезуелас де ла Карбаљеда, Самора, кој зафати над 3.500 хектари и предизвика евакуација на неколку села.
Во провинцијата Леон, пожарот во Јерес принуди на евакуација или изолација околу 800 жители и го загрозува Лас Медулас – локација под заштита на УНЕСКО позната по римските рудници за злато.
Во Навара, силен пожар ги зафати градовите Каркастило и Мурило де Фруто, но властите соопштија дека во текот на ноќта ризикот за жителите бил отстранет.
И други делови на Шпанија се погодени. Во Тарифа, Кадиз, пламенот предизвика евакуација на околу 1.500 лица и отстранување на приближно 5.000 возила од локалните кампови пред пожарот да биде стабилизиран.
Покрај атлантскиот брег на Галиција, во Понтесо и Камаринас, А Коруња, изгореле најмалку 110 хектари.
Во западниот регион Естремадура, пожарникарите во Лас Хурдес, Касерес, стабилизираа пожар што за пет дена уништи повеќе од 3.000 хектари и принуди околу 200 жители да ја напуштат својата околина.
Според Кадена СЕР, само во јули во Шпанија изгореле околу 26.000 хектари.
Метеоролозите го припишуваат зголемувањето на пожарите на рекордните топлотни бранови, со температури над 40°C во повеќе провинции, во комбинација со ниска влажност и силни ветрови.
Властите предупредуваат дека во многу области остануваат на сила високи предупредувања за опасност од пожар, а и пожарите што изгледаат ставени под контрола може повторно да се разгорат при влошување на временските услови.