Шумските пожари оштетија куќи и возила во близина на Мадрид
- Шпанија се соочува со десетици активни пожари кои изгореа илјадници хектари и принудија илјадници жители да ја поминат ноќта надвор од своите домови...

СКОПЈЕ (АА) - Неколку пожари, поттикнати од високите температури и силниот ветер, уништија домови и возила во близина на Мадрид, Шпанија, јавува Анадолу.
Шпанија се соочува со десетици активни пожари кои изгореа илјадници хектари и принудија илјадници жители да ја поминат ноќта надвор од своите домови, особено во градовите Кастиља и Леон, Кадиз, како и во неколку населени места северно од Мадрид, јави дневниот весник „Ел Паис“.
Министерството за внатрешни работи на Шпанија прогласи предвонредна состојба поради активните пожари, а Шпанската метеоролошка агенција издаде црвена тревога, предупредувајќи дека во повеќе региони температурите може да достигнат до 44°C.
Во Португалија, повеќе од 1.700 пожарникари се борат со четири одделни пожари низ земјата, објави јавниот сервис РТП.
Португалскиот Институт за море и атмосфера ја продолжи портокаловата тревога за високи температури до четврток, бидејќи во некои региони се очекуваат температури и до 44°C.
Од почетокот на 2025 година, шумските пожари во Португалија зафатија 42.000 хектари земјиште – површина речиси пет пати поголема од главниот град Лисабон.
Грција и Албанија, исто така, се соочуваат со активни пожари во повеќе региони.
Според Европскиот информативен систем за шумски пожари, од почетокот на годината во Европа изгореле над 350.000 хектари, со најмалку 1.478 регистрирани пожари досега.