Во Италија се дискутира на децата да им се забрани користење мобилни телефони и социјални мрежи
- Министерот за образование Џузепе Валдитара ја поддржа кампањата што ја започна група експерти и уметници во Италија за забрана за користење мобилни телефони и социјални медиуми за деца од одредена возрасна група

РИМ (АА) - Во Италија предизвика дискусија започнатата петиција со која се бара да им се забрани на децата да користат паметни телефони и да имаат профили на социјалните мрежи, известува Анадолу.
Италијанските медиуми објавија дека и познати лица на Италија ја поддржале кампањата за собирање потписи започната од педагогот Даниеле Новара и психотерапевтот Алберто Пелаи за воведување законска регулатива со која ќе се забрани децата помлади од 14 години да поседуваат мобилни телефони и децата помлади од 16 години да имаат свои профили на платформите на социјалните мрежи.
Покрај режисерката Паола Кортелези и актерите Алба Рорвахер, Стефано Акорси и Лука Зингарети се вклучиле во кампањата, тврдејќи дека децата треба да бидат заштитени од мобилните телефони и од социјалните мрежи.
И министерот за образование Валдитара од десничарската коалициска Влада во изјавата за агенцијата АНСА рече дека се согласува со исказите на познатите личности.
„Ова е став што сѐ повеќе се споделува на меѓународно ниво. Штетата предизвикана од раната употреба на мобилни телефони и социјални мрежи сега им е очигледна за сите“, рече министерот Валдитара.
И покрај мислењето на Валдитара, министерката за млади и спорт Андреа Абоди во својата објава на социјалните мрежи изјави дека забраната не е вистински начин и дека проблемот треба да се реши со дијалог.
Педагогот Новара, еден од луѓето што го донесоа ова прашање на дневен ред во Италија, за весникот „Ла Република“ изјави дека ситуацијата во врска со користењето мобилни телефони и социјални мрежи од страна на децата е надвор од контрола и истакна дека за ова би било доволно да се погледне зголемувањето на случаите на попреченост во учењето во значајни спроведени студии.
Новара изјави дека најстрашен проблем е тоа што децата и младите остануваат изолирани.
Студијата објавена во „Ла Република“ открива дека 47 % од децата на возраст од 11 до 19 години поминуваат повеќе од пет часа дневно на интернет-апликации, а во 2020 година оваа стапка изнесувала 30 %.
Италијанскиот министер за образование Валдитара во јули изјави дека потпишал циркулар со кој се забранува употреба на паметни мобилни телефони во училниците за која било цел, вклучително и образованието, почнувајќи од новата академска година во средното образование.