свет

Волонтери ги развеселија децата во Газа и покрај израелските напади

– Палестинските деца кои побегнаа од своите домови и најдоа засолниште со своите семејства во градот Хан Јунис, во обид да се заштитат од израелските бомбардирања, се обидуваат да преживеат во тешки услови, сместени во привремени шатори

Aida Cako  | 09.06.2025 - Обновена : 10.06.2025
Волонтери ги развеселија децата во Газа и покрај израелските напади

СКОПЈЕ (АА) – Палестинските деца кои побегнаа од своите домови и најдоа засолниште со своите семејства во градот Хан Јунис, на јужниот дел од Појасот Газа, во обид да се заштитат од израелските бомбардирања, се обидуваат да преживеат во тешки услови, сместени во привремени шатори, јавува Анадолу.

Група млади палестински волонтери организираа настан со цел да измамат насмевка на лицата на децата израснати со звуците на оружје и експлозии, да им го приближат чувството на радост по повод празникот Курбан бајрам и барем малку да ги одвратат од трагите што војната ги оставила врз нив.

Маскирани како кловнови и јунаци од цртани филмови, волонтерите им овозможија на децата моменти на забава и безгрижност.

На сите присутни деца им беа поделени подароци и играчки.

Додека континуираните напади на Израел и затворањето на граничните премини продолжуваат да го нарушуваат протокот на лекови и медицинска опрема во Појасот Газа, пациентите на кои им е потребна итна медицинска помош се соочуваат со предизвици што претставуваат закана по нивниот живот.

Од 2 март, Израел ги држи сите гранични премини затворени, прекинувајќи го влезот на храна, лекови, гориво и други основни залихи за 2,4 милиони жители на Газа.

Израел, отфрлајќи ги меѓународните повици за прекин на огнот, спроведува катастрофална офанзива во Газа од октомври 2023 година, при што се убиени речиси 54.900 Палестинци, повеќето од нив жени и деца.

Хуманитарните агенции предупредија за ризикот од глад кај повеќе од 2 милиони жители на енклавата.

Минатиот ноември, Меѓународниот кривичен суд издаде налози за апсење на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и неговиот поранешен министер за одбрана Јоав Галант за воени злосторства и злосторства против човештвото во Газа.

Израел, исто така, се соочува со случај за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата за неговите воени злосторства против цивилите во енклавата.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.