свет

Бразилскиот лидер Лула: Поранешниот претседател Болсонаро ќе ја отслужи затворската казна

– Претседателот Луиз Инасио Лула да Силва вчера изјави дека поранешниот претседател Жаир Болсонаро ќе ја отслужи затворската казна што му ја изрекоа судовите откако федералната полиција го приведе само неколку дена пред формално да започне со казната

Sinan Doğan  | 24.11.2025 - Обновена : 24.11.2025
Бразилскиот лидер Лула: Поранешниот претседател Болсонаро ќе ја отслужи затворската казна

БОГОТА / ИСТАНБУЛ (AA) – Бразилскиот претседател Луиз Инасио Лула да Силва вчера изјави дека поранешниот претседател Жаир Болсонаро ќе ја отслужи затворската казна што му ја изрекоа судовите откако федералната полиција го приведе само неколку дена пред формално да започне со казната, јавува Анадолу.

Говорејќи пред новинарите за време на Самитот на лидерите на Г20 во Јоханесбург, Јужна Африка, Лула се осврна на притворањето на Болсонаро и истакна дека судскиот процес е комплетиран.

„Тој ќе ја отслужи казната што ја одреди судството, а сите веќе знаат што направи“, изјави Лула.

Тој додаде дека пресудата против Болсонаро следувала по долг правен процес.

„Имаше истраги што траеја околу две и пол години, разгледување на обвиненијата и судење. Со други зборови, судството ја донесе својата одлука и таа е конечна. Немам што повеќе да додадам“, рече Лула.


- „Трамп треба да разбере дека ние сме суверена земја“

Бразилскиот претседател одговори и на критиките на американскиот претседател Доналд Трамп, кој притворањето на Болсонаро го нарече „многу лоша ситуација“.

Лула ја отфрли идејата дека апсењето било неправилно.

„Болсонаро го имаше правото на презумпција на невиност. Не мислам дека тоа има врска со сегашната ситуација“, рече тој.

„Трамп треба да разбере дека ние сме суверена земја и дека судските одлуки тука се носат независно. Одлуката што е донесена стои. Не сакам да коментирам пресуда изречена од судството“, додаде Лула.

Според бразилските медиуми, Болсонаро – кој беше претседател од 2019 до 2023 година – ќе биде сместен во приватна просторија од 12 квадратни метри, опремена со кревет, приватен тоалет, прозорец, телевизор, клима-уред и мал фрижидер.

Федералната полиција го приведе Болсонаро непосредно пред да почне со издржување на казната од 27 години и 3 месеци за неговата улога во обидот за државен удар.

Пред притворањето беше во домашен притвор.

Одделно, Лула изјави дека планира да разговара со претседателот Трамп за растечките тензии меѓу САД и Венецуела, наведувајќи ја зголемената американска воена активност на Кариби и предупредувајќи дека дипломатскиот дијалог е клучен за спречување можен конфликт.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.