свет

Американските војници пристигнуваат во Израел за мисијата за набљудување на прекинот на огнот во Газа

Војниците ќе пристигнат во Израел „за да формираат координативен центар кој ќе го надгледува спроведувањето на договорот за прекин на огнот во Газа“ и ќе дејствува во различни области, како транспортот, планирањето...

Betül Yılmaz  | 11.10.2025 - Обновена : 12.10.2025
Американските војници пристигнуваат во Израел за мисијата за набљудување на прекинот на огнот во Газа

ИСТАНБУЛ (АА) - Американските војници денес почнаа да пристигнуваат во Израел како дел од заедничката работна група за следење на спроведувањето на договорот за прекин на огнот во Газа, според извештаите на медиумите, пренесува Анадолу.

Повикувајќи се на двајца американски претставници, Еј-би-си њуз објави дека 200 војници ќе пристигнат во Израел „за да формираат координативен центар кој ќе го надгледува спроведувањето на договорот за прекин на огнот во Газа“ и ќе дејствува во различни области, како транспортот, планирањето, логистиката, безбедноста и инженерството.

Американските војници нема да влезат во Појасот Газа; тие ќе ги извршуваат своите активности во Израел под команда на командантот на Централната команда на САД (CENTCOM), адмирал Бредли Купер, заедно со различни единици и контингенти испратени од земјите во регионот, според извештајот.

Во средата, американскиот претседател Доналд Трамп објави дека Израел и Хамас се согласиле со првата фаза од планот од 20 точки што го претстави на 29 септември за воведување прекин на огнот во Газа, ослободување на сите израелски заробеници што се држат таму во замена за околу 2.000 палестински затвореници и постепено повлекување на израелските сили од целиот Појас Газа.

Втората фаза од планот предвидува воспоставување нов управувачки механизам во Газа без учество на Хамас, формирање безбедносни сили составени од Палестинци и војници од арапските и исламските земји и разоружување на Хамас.

Од октомври 2023 година, во израелските напади во Газа убиени се речиси 67.200 Палестинци, повеќето од нив жени и деца, а енклавата е претворена во урнатини.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.