Косовската претседателка Османи му го додели мандатот на Албин Курти за формирање на новата влада
Претседателката му посака успех на актуелниот премиер Курти, со надеж дека Република Косово час поскоро ќе има Влада со целосен уставен мандат

ПРИШТИНА (АА) - Претседателката на Косово, Вјоса Османи, во согласност со своите уставни овластувања, го потпиша указот, со кој го овласти лидерот на Движењето Самоопределување, Албин Курти, да ја формира Владата на Косово, пренесува Анадолу.
Како што објави Кабинетот на претседателката, оваа одлука е донесена по официјалниот предлог на Движењето Самоопределување, која со 48 мандати освои најголем број места во Собранието од резултатите на изборите одржани на 9 февруари оваа година.
„Според Уставот, носителот на мандатот за формирање на Владата, Курти, е должен да го достави составот и програмата на Владата до Собранието на Република Косово за одобрување најдоцна петнаесет дена од денот на донесувањето на указот“, се наведува во соопштението на Претседателството.
Претседателката му посака успех на актуелниот премиер Курти, со надеж дека Република Косово час поскоро ќе има Влада со целосен уставен мандат.
Вчера, по изборот на потпретседателот на Собранието од српската заедница, Ненад Рашиќ, беше конституирано косовското Собрание, осум месеци по општите избори одржани на 9 февруари, со што се отвори патот за формирање на новата влада.
На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.