политика

Џафери оствари средба со европратениците Бутикофер и Стрик

Џафери на средбата посебен акцент ставил на патот кој граѓаните и политичарите го поминаа за остварување на двете стратешки цели, членството во НАТО и во ЕУ

Husamedin Gina  | 23.09.2022 - Обновена : 26.09.2022
Џафери оствари средба со европратениците Бутикофер и Стрик Фото: Husamedin Gina/АА

СКОПЈЕ (АА) ‒ Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Талат Џафери, денеска оствари средба со Делегација од европратеници на Зелените/Европска слободна алијанса (EFA) од Европскиот парламент во состав: Тинеке Стрик, европратеничка од Холандија, известител во сенка и портпарол за Република Северна Македонија и Рајнхард Бутикофер, европратеник од Сојузна Република Германија, пренесува Агенција Анадолија (АА).

Според писменото соопштение од Кабинетот на претседателот на Собранието, Џафери на средбата, на европратениците им се заблагодари за одличната соработка и континуираната поддршка на Европскиот парламент за евроинтеграциите на земјата.

Џафери на средбата посебен акцент ставил на патот кој граѓаните и политичарите го поминаа за остварување на двете стратешки цели, членството во НАТО и во ЕУ, од кои едната е веќе реалност, а во однос на втората, од јули оваа година конечно Северна Македонија влезе во последната фаза од пристапувањето.

Џафери, исто така, ги информира соговорниците за активностите на државните институции за поддршка на институциите на Украина и приклучувањето кон санкциите кон Руската Федерација, како и за неговата посета на Украина и средбите со претставниците на државниот врв на земјата.

Од друга страна, пратеничката Стрик, поздравувајќи го одржувањето на денешната средба, нагласи дека делегацијата во чиј состав е и самата, во повеќе наврати ја посетува Република Северна Македонија и е нејзин безрезервен пријател и дека особено се радува за почетокот на преговорите за членство во ЕУ.

Таа истовремено ја изрази нивната длабока депримираност од загадувањето на евроинтеграцискиот процес со историски и билатерални прашања, посочувајќи дека нивната партија ќе направи сè што е во нивна моќ да го исчисти процесот, бидејќи земјата заслужува еднаков третман и членство согласно со Копенхашките критериуми.

Нејзиниот колега Бутикофер се интересираше за процесот на уставните измени и за изборниот модел во земјата, чија реформа би овозможила фер услови за помалите политички партии и за нивната застапеност во Собранието.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.