Сиљановска-Давкова оствари средба со претседателот на ОАЕ, Мухамед бин Зајед ал Нахјан
„Посебен акцент беше ставен на економските односи и можноста за забрзување на проектите од заемен интерес, коишто се во подготвителна фаза“
СКОПЈЕ (АА) - Претседателката на Северна Македонија, Гордана Сиљановска-Давкова, во рамки на учеството на Светскиот самит на владите во Дубаи, оствари средба со претседателот на Обединетите Арапски Емирати, шеик Мухамед бин Зајед ал Нахјан, пренесува Анадолу.
На средбата, според Кабинетот, претседателката се заблагодарила за гостопримството и за можноста за учеството на самитот, оценувајќи го како исклучително значајна платформа за справување со глобалните и регионалните предизвици и за водење значаен дијалог со истакнати лидери и партнери од целиот свет.
Во фокусот на разговорот, според соопштеното, биле перспективите за продлабочување на билатералната соработка, а била посочена и потребата од унапредување на правната рамка.
„Посебен акцент беше ставен на економските односи и можноста за забрзување на проектите од заемен интерес, коишто се во подготвителна фаза“, се додава во соопштението.
Сиљановска-Давкова го поздравила воведувањето на безвизен режим меѓу двете држави, оценувајќи го како одлична можност за олеснување на севкупната комуникација меѓу двете општества.
„Таа изрази уверување дека средбата, што се реализира во пресрет на 30-годишнината од воспоставувањето на дипломатските односи меѓу двете држави, ќе даде силен импулс во севкупното натамошно унапредување на соработката меѓу двете земји“, се наведува од Кабинетот на претседателката.
Двајцата соговорници размениле и мислења за актуелните глобални прашања и важноста на напорите за разрешување на постоечките конфликти. Сиљановска-Давкова ја поздравила конструктивната и одговорна улога на Обединетите Арапски Емирати, базирана на принципите на мир и толеранција.
Претседателката го истакнала интересот од македонска страна за продлабочена соработка преку заеднички иницијативи за меѓукултурен дијалог и промоција на општите цивилизациски вредности.
На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
