Северна Македонија: Заврши процесот на гласање во вториот круг од локалните избори
Вториот круг од седмите локални избори во Северна Македонија се одржа во 44 општини и во Град Скопје, откако во првиот круг беа избрани 34 градоначалници

СКОПЈЕ (АА) - Во 19:00 часот заврши процесот на гласање во вториот круг од локалните избори во Северна Македонија, на кои право на глас имаа 1.353.990 гласачи во вкупно 2.481 избирачко место, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Вториот круг од седмите локални избори во Северна Македонија се одржа во 44 општини и во Град Скопје, откако во првиот круг беа избрани 34 градоначалници.
На прес-конференцијата на Државната изборна комисија (ДИК) по завршување на процесот на гласање беше соопштено дека до 18:30 часот гласале 48,88 отсто од гласачкото тело, односно 633.146 гласачи. Општина со највисока излезност на гласачи беше Вевчани со 81,2 отсто, додека општина со најниска излезност беше Сарај со 28,12 отсто, кои во вториот круг гласаа само за нов градоначалник на Град Скопје.
Според ДИК, процесот на гласање во сите избирачки места бил спроведен мирно со мали технички проблеми и без сериозни инциденти. ДИК исто така соопшти дека некои избирачки места, каде процесот на гласање започна со доцнење, ќе останат отворени и по 19:00 часот толку колку што доцнело започнувањето на процесот за гласање.
Вечерва започнува процесот на броење на гласовите, додека за првите резултати ДИК ќе информира подоцна во текот на вечерта или во текот на утрешниот ден.
Првпат на локалните избори се применуваат терминали за биометриска идентификација на гласачите, а се применуваат и општите мерки за заштита од Ковид-19.
Вчера гласаа болните и немоќните, лицата со Ковид-19 и оние во самоизолација.
Во Дебар имаше повторување на гласањето за градоначалник и за совет на едно избирачко место, а се прегласуваше и на едно избирачко место во Шуто Оризари за членови на советот. Управниот суд го поништи гласањето во овие две избирачки места во гласањето од првиот круг на изборите на 17 октомври.
Меѓу другото, немаше гласање за градоначалник во Маврово Ростуше и Центар Жупа бидејќи не беше исполнет законскиот цензус за гласање во првиот круг од изборите да излезат најмалку една третина од запишаните гласачи во Избирачкиот список.
За овие две општини ДИК ќе ја извести Владата, а потоа во Маврово-Ростуше и Центар Жупа ќе се организира повторување на гласањето за градоначалник согласно Законот за локална самоуправа. Членови на советот се избрани бидејќи за нив не е потребен цензус.
Ова се седми локални избори во Северна Македонија, првите беа одржани во 1990 година, а последните локални избори во земјата се одржаа во 2017 година.
На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.