политика

Потпишан Меморандум за соработка меѓу Обвинителствата на Северна Македонија и Италија

Италијанскиот национален јавен обвинител за гонење на мафија и тероризам учествуваше на конференцијата организирана од Јавното обвинителство на Северна Македонија

Abdula Berisha   | 12.06.2019
Потпишан Меморандум за соработка меѓу Обвинителствата на Северна Македонија и Италија Фото: Abdula Berisha/AA

СКОПЈЕ (АА) - Италијанскиот национален јавен обвинител за гонење на мафија и тероризам, Федерико Кафиеро де Рахо, заедно со други италијански претставници, учествуваше на конференцијата насловена „Заедничка соработка и правна помош во борбата против транснационалниот организиран криминал“, во организација на Јавното обвинителство на Северна Македонија, јавува Anadolu Agency (AA).

На конференцијата, финансирана од ИПА-фондовите, присутни беа и вицепремиерот и министер за внатрешни работи на република Северна Македонија, Оливер Спасовски; министерката за правда, Рената Дескоска; јавниот обвинител на Северна Македонија, Љубомир Јовески; италијанскиот амбасадор во Скопје, Карло Ромео; директорот на италијанската полиција, Франко Габриели; шефот на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, амбасадорот Клеменс Која; Никола Бертолини од Канцеларијата на ЕУ во Скопје, како и други претставници на истражните тела од Северна Македонија и Италија.

Во рамки на конференцијата, јавните обвинители на двете земји потпишаа Меморандум за соработка меѓу институциите.

Вицепремиерот Оливер Спасовски рече дека транснационалниот организиран криминал во голем број случаи е тесно поврзан со меѓународниот тероризам, додавајќи дека затоа претставува сериозна и перманентна закана за сите држави.

„Во контекст на меѓуинституционалната билатерална, регионална или мултилатерална соработка, денес е веќе сосема јасно дека основата на таа соработка мора да биде систематизирана врз основа на правовремени и квалитетни информации, нивна соодветна размена на национално, регионално и меѓународно ниво“, рече Спасовски.

Министерката за правда, Рената Дескоска, истакна дека транснационалниот организиран криминал не познава граници и затоа борбата против него бара заеднички ангажман и соработка меѓу државите.

„Министерството (за правда) посветува големо внимание на создавање правна рамка за борба против организираниот криминал, како и за зајакнување на капацитетите и зголемување на ефикасноста на меѓународната соработка“, рече Дескоска.

Италијанскиот јавен обвинител за гонење на мафија и тероризам, Федерико Кафиеро де Рахо, рече дека за да се постигне поголема ефикасност во борбата против организираниот криминал, потребна е заедничка акција.

„Не смееме да заборавиме дека организираниот криминал е таква организација која повеќе од која било друга организација претставува опасност за слободата и демократијата на секоја земја. Зошто? Затоа што ја оневозможува слободната економска иницијатива, затоа што не создава додатна вредност во економијата“, рече Де Рахо, додавајќи дека честопати организираниот криминал се инфилтрира и во политичката сфера.

И Љубомир Јовески, јавниот обвинител на Северна Македонија, ја истакна потребата за соработка меѓу државите во борбата против транснационалниот организиран криминал, додавајќи дека од овој аспект не е доволно индивидуалното дејствување на една држава.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
Поврзани теми
Bu haberi paylaşın