политика

Помпео пристигна во официјална посета на Северна Македонија

Во рамките на посетата, американскиот државен секретар во Претседателската вила „Билјана“ ќе има средба со претседателот на Северна Македонија, Стево Пендаровски...

Admir Fazlagic  | 04.10.2019 - Обновена : 04.10.2019
Помпео пристигна во официјална посета на Северна Македонија (Foto: Besar Ademi/ Anadolu Agency)

ОХРИД (АА) - Државниот секретар на Соединетите Американски Држави (САД), Мајк Помпео, пристигна на аеродромот „Св. Апостол Павле“ во Охрид, со што ја започна официјалната посета на Северна Македонија, јавува Anadolu Agency (AA).

На аеродромот во Охрид, Помпео беше пречекан од министерот за надворешни работи на Северна Македонија, Никола Димитров.

Во рамките на посетата на земјата, американскиот државен секретар Помпео во Претседателската вила „Билјана“ ќе има средба со претседателот на Северна Македонија, Стево Пендаровски, а потоа е најавена и средба со премиерот на државата, Зоран Заев.

Според најавеното, по завршувањето на средбата, Помпео и премиерот Заев ќе дадат заедничка изјава за медиумите. За време на посетата на Охрид, најавено е дека Помпео ќе го посети манастирскиот комплекс „Св. Богородица Перивлепта“.

Американскиот државен секретар во Охрид пристигна по посетата на Црна Гора. Претходно, Помпео ја посети Италија, каде што оствари средби со претставниците на државниот врв на земјата.

Според соопштението на американскиот Стејт департмент, Помпео од Северна Македонија заминува за Атина, Грција, каде што ќе се сретне со премиерот Кирјакос Мицотакис и шефот на дипломатијата, Николаос Дендиас.



На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.