политика

Пендаровски: Унгарија е една од најактивните членки на ЕУ во поддршката на процесот на проширување

Со највисоки државни почести Пендаровски ја пречека претседателката на Унгарија, Каталин Новак, која престојува во официјална посета на Северна Македонија

Abdula Berisha  | 06.02.2023 - Обновена : 08.02.2023
Пендаровски: Унгарија е една од најактивните членки на ЕУ во поддршката на процесот на проширување Фото: Abdula Berisha/АА

СКОПЈЕ (АА) - Претседателот на Северна Македонија, Стево Пендаровски, денеска со највисоки државни почести ја пречека претседателката на Унгарија, Каталин Новак, која престојува во официјална посета на земјата, јавува Анадолу.

Во рамки на посетата, покрај билатералната средба, се одржа и пленарен состанок на делегациите на Северна Македонија и Унгарија, по што претседателите Пендаровски и Новак одржаа заедничка прес-конференција.

Во својот говор, Пендаровски истакна дека оваа посета се реализира по изминати речиси 20 години од последната официјална посета на унгарски претседател.

„Неспорно, Унгарија е една од најгласните и најактивните членки на Европската Унија во поддршката на процесот на проширување со земјите од Западниот Балкан и земја која одигра значајна улога во одлуката за почеток на пристапните преговори на Северна Македонија. На средбата добив уверување дека ќе продолжи оваа поддршка од Унгарија, која проширувањето го смета за една од најважните стратешки политики на ЕУ“, рече Пендаровски.

На средбата разменети се мислења и информации и за безбедносната состојба на континентот и за предизвиците на тој план, во контекст на војната во Украина и последиците од неа.

Претседателката на Унгарија, Каталин Новак, исто така ја нагласи поддршката за евроинтеграциите на Северна Македонија и другите земји од Западен Балкан, додавајќи дека доколку овој процес не може да продолжи, ќе се појави песимизам во однос на зачленувањето.

Таа се осврна и на илегалната миграција, додавајќи дека изминатата година се дуплирал бројот на илегални мигранти кои во Унгарија пристигнале преку Западен Балкан.

„Преку Северна Македонија и Западен Балкан, огромен број илегални мигранти стигнуваат во Унгарија и нивниот број во изминатата година се дуплираше. Затоа е наш заеднички интерес да се бориме против илегалната миграција и во тоа Унгарија помага на тој начин што 30 унгарски полицајци вршат служба на македонско-грчката граница“, рече Новак.


На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.