свет, политика

Знамето на Северна Македонија со свечена церемонија кренато пред седиштето на НАТО

„Во времиња како ова, пријателите и сојузниците се поважни од кога било, а Северна Македонија сега ги има најдобрите пријатели и сојузници во светот...“

Husamedin Gina  | 30.03.2020 - Обновена : 31.03.2020
Знамето на Северна Македонија со свечена церемонија кренато пред седиштето на НАТО Фото: НАТО

СКОПЈЕ (АА) – Со интонирање на химната на Република Северна Македонија денеска пред седиштето на НАТО во Брисел, беше кренато знамето на Северна Македонија, јавува Агенција Анадолија (АА).

На свечената церемонија во седиштето на НАТО во Брисел присуствуваа и генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, претседавачот на Воениот комитет на Алијансата, маршал Стјуарт Пич, и в.д. шефот на Постојаната мисија на Република Северна Македонија при НАТО, Зоран Тодоров.

Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, во својот говор пред церемонијата на кревање на знамето, рече дека ова е историски момент за Северна Македонија, кој доаѓа после години на посветеност и заложба за реформите.

Столтенберг потсети дека Северна Македонија и Грција пост игнаа историски компромис поврзано со проблемот со името.

„Во времиња како ова, пријателите и сојузниците се поважни од кога било, а Северна Македонија сега ги има најдобрите пријатели и сојузници во светот. Ние сме сите побезбедни и посилни заедно отколку сами. Затоа добредојдовте во НАТО“, порача генералниот секретар на НАТО.

Поздравувајќи ја одлуката на Европската Унија (ЕУ) за започнување на преговори со Северна Македонија, Столтенберг рече дека тоа е знак дека земјата е подготвена да го заземе своето место во Евроатлантското семејство.

Шефот на Постојаната мисија на Република Северна Македонија при НАТО, Зоран Тодоров, истакна дека ова е историски ден за НАТО и историски ден за сите граѓани на Северна Македонија.

„Тука сме, стоиме цврсто и стабилно пред централното седиште на НАТО, конечно заедно со сите сојузници. Нашето знаме се виори заедно со другите 29 знамиња на НАТО сојузниците“, истакна Зоран Тодоров, нагласувајќи дека со членството во НАТО, иднината на Северна Македонија ќе биде стабилна, безбедна и просперитетна.

Тодоров исто така истакна дека Северна Македонија е целосно подготвена да го заземе местото во телата и структурите на НАТО, и да даде придонес за успешно функционирање на организацијата.

На крајот не свеченоста беше интонирана и химната на НАТО.

Свечената церемонија на подигањето на знамето пред седиштето на НАТО во Брисел, преку видеоврска во Скопје ја следеше и претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Оливер Спасовски.

Во обраќањето по церемонијата Спасовски истакна дека денеска Северна Македонија го оствари најголемиот успех од нејзината независност.

„Знамето на Северна Македонија денеска гордо се развиори во кругот на знамињата на семејството сојузници на НАТО. Патот беше долг но наградата што пристигна денеска, со погледот на знамето на нашата земја во седиштето на НАТО во Брисел, ја заслуживме“, рече Спасовски.

Знамето на Република Северна Македонија, како што рече тој, е симбол на сигурна, безбедна и просперитетна иднина на нашата земја.

Знамето, истовремено, освен пред седиштето на НАТО во Брисел беше подигнато и пред Сојузничката команда за операции во Монс, Белгија, и во Сојузничката команда во Норфолк, во американската сојузна држава Вирџинија.

Потсетуваме, генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, на 27 март соопшти дека Северна Македонија по завршување на сите официјални процеси, стана 30. членка на НАТО .

Протоколот за пристапување меѓу НАТО и Северна Македонија беше потпишан на 6 февруари 2019 година.

Собранието на Република Северна Македонија на 11 февруари оваа година на свечена седница го ратификуваше Законот за ратификација на Северноатлантскиот договор.

Северна Македонија на 12 јули 2018 година на Самитот на НАТО во Брисел доби повик да стане членка на Алијансата. Потоа, Протоколот за пристапување во НАТО е потпишан во седиштето на НАТО во Брисел во февруари минатата година.

Оттогаш почна процесот на ратификација на овој Протокол во парламентите на земјите членки на Алијансата, а беше финализиран на 17 март со ратификацијата на Шпанија.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.