„Мајкрософт“ ќе инвестира 10 милијарди долари во Јапонија во облак-технологијата и вештачката интелигенција
„Може да ја обезбедиме поддршката што ѝ е потребна на јапонската економија за иднината“
ИСТАНБУЛ (АА) - Технолошкиот гигант „Мајкрософт“ планира да инвестира 1,6 билиони јени (околу 10 милијарди долари) во Јапонија, со цел проширување на својата инфраструктура за вештачка интелигенција (ВИ) и облак-технологија (cloud computing), изјави денес претседателот на компанијата, пренесува Анадолу.
Како што пренесува новинската агенција „Кјодо њуз“, одлуката е најавена на средбата во Токио помеѓу претседателот на „Мајкрософт“, Бред Смит и јапонската премиерка Санае Такаичи.
Инвестицијата, предвидена да се реализира од почетокот на 2026 година, па сè до 2029 година, ќе вклучува стратегиски партнерства со јапонските групации „СофтБенк груп“ и „Сакура интернет“.
„Може да ја обезбедиме поддршката што ѝ е потребна на јапонската економија за иднината“, ѝ кажа Смит на премиерката Такаичи.
Тој истакна дека оваа иницијатива има цел да го поттикне економскиот раст на Јапонија преку зајакнување на дигиталната инфраструктура, која е од клучно значење за технологиите на иднината.
Овој потег значително го проширува претходниот план на „Мајкрософт“ од 2024 година, вреден 2,9 милијарди долари, кој беше наменет за надградба на центрите за податоци и подобрување на капацитетите на облак-технологијата во земјата.
